Hosea 8
1 Стави ја трубата на уста! Непријателите како орли го напаѓаат Домот Господов, зашто тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој.
2 Иако викаат кон Мене: „Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израел.“
3 Израел го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони.
4 Си поставуваа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: тоа им е за погибел.
5 Го мразам телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израел?
6 И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа ќе биде скршено на парчиња телето твое, Самаријо!
7 Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат; житото нема да им 'рти, нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат.
8 Проголтан е Израел; меѓу народите сега е како скршен сад.
9 Тие скитаат осамени како диви магариња; Ефрем со подароци ја купуваше благонаклоноста на другите.
10 Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите;
11 иако Ефрем изгради многу жртвеници за грев — за грев и му послужија тие исти жртвеници.
12 Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи.
13 Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господ тие не Му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет.
14 Израел го заборави Создателот свој, за себе си изгради дворци, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови — и тој ќе му ги проголта дворците негови.