Hosea 7
1 Штом ќе посакам да го излечам Израел, се открива неправдата на Ефрем и злосторството на Самарија, зашто тие лажат, и крадец провалува, и разбојник граби по улиците.
2 И не помислуваат во срцето свое дека Јас ги помнам сите нивни беззаконија; а сега ги обиколија нивните дела; пред лицето Мое се.
3 Со злосторства го веселат царот свој и со лагите свои — кнезовите.
4 Од прељубодејство тие сите горат како печка вжарена која пекарот повеќе не ја разгорува, додека не го замеси тестото, и тоа скисне.
5 „Денот е на царот наш!“ — велат кнезовите, опијанети од вино, а тој се ракува со опијанетите.
6 Од сплетките нивни срцето им се вжарува како печка: гневот тлее во нив цела ноќ, а утрината се разгорува како огнен пламен.
7 Тие сите се распалени како фурна и си ги голтаат судиите свои; нивните цареви паѓаат и никој од нив не вика кон Мене.
8 Ефрем се смешал со народите, и станал како пита непревртена.
9 Туѓинци му ја одземаат силата негова, но тој не забележува, косата му побелела, а тој не знае.
10 И гордоста на Израел сведочи против нив — и покрај сето тоа не се обраќаат кон Господ, својот Бог, и не Го бараат.
11 А Ефрем стана како глупав гулаб — без разум: ги повикуваат Египќаните на помош, а потоа се приклонуваат кон Асирија.
12 Каде и да појдат, Јас ќе ја фрлам мрежата Своја врз нив; како птици небески ќе ги кутнам; ќе ги казнам, како што беше речено во нивното собрание.
13 Тешко ним, зашто отстапија од Мене; погибел за нив, зашто се одметнаа од Мене. Јас ги спасував, а тие Ме лажеа.
14 А не повикаа кон Мене од сѐ срце, кога пискаа по леглата свои; ридаа на своите постели заради леб и вино, а против Мене се бунтуваа.
15 Додека Јас ги поткрепував и им давав сила, тие коваа зло против Мене.
16 Тие се свртуваа кон лажни богови; станаа како скршен лак. Заради нивната горделивост, кнезовите ќе им изгинат од меч, а Египќаните ќе им се смеат.