Hosea 10
1 Израел е рагранета лоза; колку повеќе таа има плод, толку повеќе се умножуваат жртвениците; колку му е поплодна земјата, толку повеќе се украсуваат идолите.
2 Измамничко е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети: Тој ќе ги разруши нивните жртвеници, ќе ги здроби идолите нивни.
3 Сега тие велат: „Немаме цар, зашто немавме страхопочит кон Господ, а и зошто ни е цар?“
4 Зборуваат, даваат лажни завети, склучуваат сојузи; правдата се претворила во неправда и расте по браздите на нивните ниви.
5 За телето во Бет-Авен ќе плачат жителите на Самарија; ќе заплаче за него народот негов, и жреците негови, кои се радуваа со него, ќе плачат по славата негова, зашто неа ќе ја снема од него.
6 И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на големиот цар; посрамен ќе биде Ефрем, и ќе се засрами Израел поради својата одлука.
7 Уништена е Самарија, нејзиниот цар ќе биде исфрлен како лушпа на површината на водата.
8 И ќе бидат истребени идолските светилишта на Авен, гревот Израелов; во трње и боцки ќе обраснат жртвениците негови, па ќе им речат на планините — покријте нѐ, а на ридовите, паднете врз нас!
9 Повеќе згреши, Израеле, отколку во деновите на Гива; а и таму да запреше, немаше ли да те стаса војна, како и беззакониците гивејски?
10 Ќе ги казнам како што ќе посакам; ќе се соберат против нив народите, и тие ќе бидат казнети поради двојниот нивни престап.
11 Ефрем е обучена јуница, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам амут; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе ја дроби земјата.
12 Сејте правда — па ќе жнеете милост; разорувајте нова земја, време е да Го побарате Господа, и така Тој, штом ќе дојде, да ве облее со благослов.
13 Оравте безбожност, жнеевте беззаконие, јадевте плод на лагата, зашто ти се надеваше на своите коли, на многуте војници.
14 И ќе дојде војна на твојот народ, и сите твои тврдини ќе бидат разрушени, како што Шалман го разруши Бет-Арбел во денот на битката: мајка биваше убивана заедно со децата.
15 Ете, така ќе ви направам, доме Израелов, поради неправдата ваша; во рани зори ќе загине царот Израелов.