1Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно светилиште;
2зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место.“
3А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над светињите“;
4во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот,
5а над него — херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно.
6При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја;
7а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење.
8Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за светилиштето сѐ додека стои првата скинија,
9која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи,
10туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи.
11Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, неракотворено, односно не онакво какво што се прави на земјата,
12ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп.
13Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото,
14тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог.
15Затоа е Тој посредник на новиот завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство.
16Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот,
17бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив.
18Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв.
19Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот народ, зеде крв телешка и јарешка со вода, и со црвена волна и со исоп ја пороси како самата книга, така и сиот народ,
20велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“
21Исто така со крв ги попрска и светилиштето и сите садови за служење на Бога.
22И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање.
23И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие.
24Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас;
25и не да се принесува Себе како жртва повеќепати, како што првосвештеникот влегува во светилиштето секоја година со туѓа крв.
26Инаку Тој би требало многупати да пострада од созданието на светот. А сега еднаш засекогаш, до крајот на вековите, се јави за да го однесе гревот, откако се принесе Сам Себе како жртва.
27И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа — суд,
28така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение.