1Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суштината на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат.
2Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите.
3Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите,
4бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги однесе гревовите.
5Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви.
6Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“
7Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“
8Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот — што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“,
9а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто.
10Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш.
11И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите;
12а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,
13и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови.
14Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени.
15И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече:
16„Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој додава:
17„И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“
18А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
19И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат,
20што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело,
21имаме Врховен свештеник над домот Божји.
22Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очистиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.
23И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал.
24И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,
25не изостанувајќи од собранијата како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.
26Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,
27туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.
28Ако оној што го прекршил Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт,
29тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?
30Зашто ние Го знаеме Оној што рекол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“
31Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32Потсетувајте се на вашите поранешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата,
33било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така страдаа,
34зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.
35И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.
36Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;
37зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни.
38А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“
39Ние, пак, не сме од оние што отстапуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.