1А верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме — убеденост во она што не се гледа.
2Преку неа постарите добија сведоштво.
3Преку верата разбираме дека вековите се создадени со Божји збор и дека од невидливото произлегло видливото.
4Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако мртов, тој уште зборува.
5Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.
7Преку вера Ное, откако беше предупреден за она што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот за да го спаси својот дом. Со тоа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.
8Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди.
9Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување;
10зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог.
11Преку вера и самата Сара — иако беше неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, зашто Го сметаше за верен Оној Кој беше ветил.
12И така од еден, и тоа остарен, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени.
14Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина.
15И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат.
16Но тие сакаа подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град.
17Авраам со вера го принесе како жртва Исака, кога беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единствен син,
18за кого му беше речено: „Потомството од Исак ќе се нарече со твое име“;
19зашто тој сметаше дека е Бог силен и дека и мртви може да воскреснува и така да речам, го прими Исак воскреснат.
20Со вера Исак го благослови Јаков и Исав за иднината.
21Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосиф и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезолот свој.“
22Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израелови од Египет и им даде упатства за коските свои.
23Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, зашто видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.
24Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка
25и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади.
26Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата.
27Со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној Кој не се гледаше, како да Го гледа.
28Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.
29Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, коешто се обидоа и Египќаните да го преминат, но се издавија.
30Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон, откако беа обиколувани цели седум дена.
31Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат.
32И што уште да кажам? Зашто не ќе имам доволно време да кажувам за Гедеон, Варак, Самсон и Јефтај, за Давид и Самоил и другите пророци,
33кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови;
34угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски;
35жени примија свои умрени воскреснати; други, пак, беа мачени и не прифатија ослободени, за да добијат подобро воскресение;
36а други поднесоа подигрување и камшикување, па дури и окови и затвор;
37со камења беа убивани, со пила сечени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам —
38тие, за кои светот беше недостоен — скитаа по пустини, по ридови, по пештери и јами во земјата.
39И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното,
40зашто Бог предвиде нешто подобро, та тие без нас да не примат совршенство.