1Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба,
2имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата — Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји.
3Мислете на Оној Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не станете малодушни!
4Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв.
5И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува,
6зашто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима.“
7Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува?
8Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови.
9Ако се плашиме од нашите татковци кога нѐ казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи?
10Зашто тие нѐ казнуваат за кратко време, како што им се чинело најдобро; а Тој — за полза, та да учествуваме во Неговата светост.
11Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност.
12Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена“,
13и со нозете свои „Направете си прави патеки“, та, она што е куцо, да не се повреди, туку поскоро да се исцели.
14Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа:
15гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина;
16да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестив како Исав, кој за една манџа се откажа од своето право на првородство.
17Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи.
18Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата,
19и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе,
20зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“
21И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“
22Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор,
23кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство,
24и кон Исус, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата.
25Гледајте да не Го отфрлите Оној Кој зборува. Зашто, ако не останаа неказнети оние, што откажаа да му служат на оној што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои Го отфрламе Оној, Кој зборува од небесата
26Чиј глас тогаш ја потресе земјата, а Кој сега ветува, зборувајќи: „Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото.“
27Зборовите „уште еднаш“ означуваат дека колебливото ќе се отстрани, та да остане само непоколебливото.
28И така, примајќи го непоколебливото царство, да искажеме благодарност со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв,
29бидејќи нашиот Бог е оган што изгорува.