1Затоа треба да бидеме нарочно внимателни кон она што го чувме за да не отпаднеме некако.
2Зашто, ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна казна,
3како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме такво големо спасение кое, најнапред проповедано од Господ, се потврди од оние што го беа чуле од Него,
4кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни силни дела и со раздавање дарови преку Светиот Дух по Негова волја.
5Зашто Бог не им ја потчини на ангелите идната вселена за која зборуваме,
6туку, напротив — некој посведочил зборувајќи: „Што е човекот да мислиш на него, синот човечки, та да се грижиш за него?
7Си го направил за кратко малку подолен од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце;
8сѐ си потчинил под нозете негови.“ А кога сѐ му потчини, ништо не му остави непотчинето; но сега уште не гледаме дека сѐ му е потчинето.
9А гледаме дека Исус Христос, Кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите, поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите.
10Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, при донесувањето на многубројните чеда во слава, преку страдања да го усоврши Зачетникот на нивното спасение.
11Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа Исус не се срамува да ги нарече браќа, велејќи:
12„Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, среде собранието ќе Те славам.“
13И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“
14А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот;
15па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство.
16Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци;
17затоа Тој мораше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот.
18Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.