1Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците,
2во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите.
3Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина и држи сѐ со Својот моќен збор. Откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на Севишниот во висините.
4И стана толку повозвишен од ангелите, колку што е пославно името што го наследи, во споредба со нивното.
5Зашто кому од ангелите Бог некогаш му рекол: „Ти си Син Мој, Јас Те родив денес“, или пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе ми биде Син?“
6Исто така, кога Го воведе Првородениот во вселената, рече: „Нека Му се поклонат сите ангели Божји!“
7За ангелите, пак, речено е: „Ти ги правиш ангелите Свои ветрови, а служителите Свои огнен пламен“,
8а за Синот: „Твојот престол, Боже, е вечен и жезолот на правдата е жезол на царството Твое.
9Тебе Ти омиле правдата, а го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста повеќе од Твоите придружници.“
10И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал Земјата, а и небесата се дело на Твоите раце;
11тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека;
12ќе ги свиткаш како наметка, како облекло, и тие ќе бидат променети; но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да се свршат.“
13А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна страна додека непријателите Твои не ги поставам за подножје на нозете Твои?“
14Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?