1Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум.
2До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?
3Зошто ми дозволуваш да гледам злосторства, и да гледам неволји? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор.
4Поради тоа законот ја изгуби силата, а правдата е згазена: нечестивиот го победува праведниот, и затоа правдата се искривува.
5Погледајте меѓу народите, видете — зачудете се! Зашто во ваше време Јас извршувам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале.
6Зашто Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат.
7Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт.
8Коњите негови се побрзи и од леопарди и пострашни од волци во рани зори; коњицата негова потскокнува; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаат врз пленот.
9Сите тие доаѓаат по грабеж; со лица вжештени, грабаат робови како песок!
10И со цареви се подигруваат, а кнезовите им служат за подбив; над секоја тврдина се смеат: засипуваат опсаден окоп и ја преземаат.
11Тогаш како ветер се свртуваат и си одат — престапници и виновници; нивната сила им е бог.
12Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ти, Кој не умираш! Ти, Господи, само за суд си го допуштил тоа. Карпо моја, за казна си го определил ова.
13На чистите очи Твои не е својствено да гледаат злосторства и Ти не можеш да гледаш угнетување. Зошто гледаш злодејци и молчиш, кога нечестивиот проголтува човек што е поправеден од него?
14Ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар?
15Непријателот со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели.
16Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, зашто тие му прибавуваат сладок залак и вкусна храна.
17Ќе продолжи ли тој да ја празни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?