1Тогаш Бог го благослови Ное и синовите негови, и им рече: „Плодете се и множете се, и полнете ја земјата!
2А сите земни животни и сите небески птици, и сѐ што лази по земјата, и сите морски риби да се плашат од вас: во ваши раце се предадени.
3Сѐ што се движи и живее, ќе ви биде храна; сѐ ви давам, како што ви ги бев дал зелените билки.
4Само не смеете да ги јадете живите суштества додека во нив има душа, односно крв!
5А за вашата крв, во која е вашиот живот, ќе барам сметка; од секој ѕвер ќе ја барам; ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов;
6кој ќе пролее човечка крв, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот е создаден според образот Божји.
7Вие, пак, плодете се и множете се; ширете се на земјата и наполнете ја!“
8И му рече Господ на Ное и синовите негови со него, велејќи:
9„А Јас, еве, го поставувам заветот Мој со вас и со вашето потомство по вас,
10и со секоја жива душа, која е со вас, со птиците, и со добитокот, и со сите земни ѕверови, што се со вас, со сѐ она што излегло од ковчегот, со сите земни животни;
11го поставувам заветот Мој со вас дека отсега нема веќе ниедна плот да загине од потоп и дека повеќе не ќе има потоп да ја запустува земјата!“
12И рече Бог: „Еве го знакот на заветот, што го поставувам меѓу Мене и вас и меѓу секоја жива душа, која е со вас, за сите идни поколенија:
13божилак Свој поставувам во облакот, за да биде знак на заветот меѓу Мене и земјата.
14Па кога облак ќе навеам на земјата, ќе се појави божилакот во облакот,
15и ќе си спомнам за заветот Мој, кој е меѓу Мене и вас и меѓу секоја душа, што живее во плот; и нема веќе да има потоп за да ја уништи секоја плот.
16Божилакот ќе биде во облакот, и Јас ќе го видам и ќе си спомнам за вечниот завет меѓу Бога и меѓу секоја жива душа во секоја плот, што е на земјата.“
17И му рече Бог на Ное: „Тоа е знакот на заветот, што го поставив меѓу Мене и меѓу секоја плот, што е на земјата!“
18Синовите Ноеви, кои излегоа од ковчегот, беа: Сим, Хам и Јафет. Хам е татко на Ханан.
19Тоа се трите сина Ноеви, и од нив се насели целата земја.
20А Ное почна да ја обработува земјата, и насади лозје.
21И се напи од виното, па се опи, и легна гол среде шаторот свој.
22А Хам, таткото на Ханан, ја виде голотијата на таткото свој, и излезе, та им го кажа тоа на обајцата браќа свои.
23Но Сим и Јафет зедоа облека, и, наметнуваќи ја на рамената свои, појдоа назадешкум и ја покрија со неа голотијата на таткото свој; лицата им беа свртени наназад, и тие не ја видоа голотијата на својот татко.
24А кога се истрезни Ное од виното, дозна што му беше направил помладиот негов син,
25па рече, „Проклет да е Ханан; тој ќе биде слуга на слугите од браќата свои!“
26И уште рече: „Благословен да е Господ Бог Симов; а Ханан ќе му биде слуга!
27Нека го рашири Бог Јафет, и тој нека живее во шаторите на Сим; а Ханан ќе му биде слуга!“
28И поживеа Ное по потопот триста и педесет години.
29А сѐ на сѐ поживеа Ное деветстотини и педесет години; потоа умре.