Genesis 8
1 И си спомна Бог за Ное, и за сите ѕверови и за сиот добиток, што беа со него во ковчегот; и навеа Бог ветар на земјата, и водите запреа.
2 Изворите на бездната и окната небески се затворија, и дождот од небото престана.
3 Водата почна постепено да опаѓа на земјата, и по сто и педесет дена намали.
4 И се запре ковчегот во седмиот месец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат.
5 Водата, пак, опаѓаше постепено до десеттиот месец; и во првиот ден од десеттиот месец се покажаа врвовите на планините.
6 А по четириесет дена го отвори Ное прозорецот на ковчегот, што го беше направил.
7 И пушти гавран, кој откако одлета, полетуваше и долетуваше додека не се исуши земјата од водата.
8 Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од површината на земјата;
9 но гулабот, бидејќи не најде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот, зашто уште имаше вода по целата земја; и Ное ја спружи раката, го фати и го зеде кај себе во ковчегот.
10 Почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот.
11 Гулабот се врати кај него приквечер; и ете, во клунот свој тој имаше свеж маслинов лист; и Ное разбра дека се повлекла водата од земјата.
12 Потоа почека уште седум дена, и го пушти гулабот, а тој повеќе не му се врати.
13 Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот на ковчегот, погледна и виде дека површината на земјата беше поисушена.
14 А на дваесет и седмиот ден од вториот месец, земјата беше сува.
15 Тогаш му рече Бог на Ное:
16 „Излезете од ковчегот, ти, жената твоја, синовите твои, и жените на синовите твои;
17 изведи ги со себе и сите животни, што се со тебе, од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата; нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!“
18 И излегоа Ное, синовите негови, жената негова, и жените на синовите негови;
19 сите животни и сите лазачи, сите птици — сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ковчегот.
20 И Му направи Ное жртвеник на Господ; и зеде од секој чист добиток и од сите чисти птици, и ги принесе на жртвеникот како жртви сепаленици.
21 И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето Свое: „Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини и нема повеќе да ги уништувам живите суштества, како што направив.
22 Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.“