Genesis 48
1 Потоа му јавија на Јосиф: „Ене, татко ти е болен.“ А тој ги поведе со себе двајцата синови свои, Манасија и Ефрем.
2 И го известија Јаков, велејќи му: „Ете, синот твој Јосиф доаѓа кај тебе.“ А Израел собра сили и седна на постелата своја.
3 И му рече Јаков на Јосиф: „Сесилниот мој Бог Ел-Шадај ми се јави во Луз, во земјата Ханан, ме благослови,
4 и ми рече: ‚Ќе те направам плоден и многуброен; и ќе направам од тебе да произлезат многу народи, ќе ја дадам оваа земја и на твоето потомство по тебе во вечна сопственост.‘
5 А сега, двајцата синови твои, Ефрем и Манасија, кои ти се родија во египетската земја, пред да дојдам во Египет, нека бидат мои, како што ми се Рувим и Симеон.
6 Децата, пак, кои ти се родија по нив, нека останат твои; а во наследството свое нека се викаат според имињата на браќата нивни.
7 А кога се враќав од рамнината Арам, ми умре Рахила во хананската земја, по пат, близу до Ефрат, и јас ја погребав таму на патот за Ефрат, сега наречен Витлеем.“
8 А, откога ги виде Израел синовите Јосифови, праша: „Кои се овие?“
9 А Јосиф му рече на својот татко: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог овде.“ И рече Јаков: „Доведи ги кај мене, да ги благословам.“
10 Зашто очите на Израел му беа ослабеле од староста, па не можеше добро да гледа. А кога му ги доведе, ги прегрна и ги бакна.
11 И му рече Израел на Јосиф: „Не се надевав дека ќе го видам лицето твое; но, ете, Бог ми ги покажа и твоите деца.“
12 Тогаш Јосиф ги истави од колената негови и се поклони со лицето доземи.
13 Па ги зеде Јосиф обајцата, Ефрем во својата десна рака, спроти левата на Израел, а Манасија во својата лева рака, спроти десната на Израел, и ги приближи до него.
14 А Израел ја пружи десната рака своја и ја стави врз главата на Ефрем, иако тој беше помал, а левата врз главата на Манасија. Така ги стави рацете намерно, макар што Манасија беше првороден.
15 И го благослови Јосифа, велејќи: „Бог, по чиј пат секогаш одеа пред него татковците мои Авраам и Исак, Бог, Кој ми беше Пастир, откако сум настанал па сѐ до денешен ден,
16 ангелот, Кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови овие деца; со името мое и името на татковците мои, Авраам и Исак, по нив да се спомнува, и во многубројни мноштва на земјата да се намножат.“
17 А на Јосиф му беше тешко кога виде дека татко му својата десна рака ја стави врз главата на Ефрем. Па ја зеде татковата десна рака за да ја премести од главата Ефремова на главата Манасиева,
18 и му рече Јосиф на татко си: „Не така, татко, зашто оној е првенец; стави ја својата десна рака врз неговата глава.“
19 Но таткото негов не сакаше, туку рече: „Знам, синко, знам, и од него ќе излезе народ, и тој ќе биде голем; но помалиот брат ќе биде поголем од него, и од неговото семе ќе произлезе многуброен народ.“
20 И ги благослови во оној ден и рече: „Преку вас ќе се благословува Израел и ќе се вели: ‚Бог нека ти направи, како што им направи на Ефрем и на Манасија.‘“ Така го постави Ефрем над Манасија.
21 А потоа Израел му рече на Јосиф: „Еве, јас умирам; но Бог ќе биде со вас и ќе ве врати во земјата на вашите татковци.
22 И јас ти давам еден дел повеќе отколку на браќата твои; она што го зедов од Аморејците, со својот меч и со својот лак.“