Genesis 49
1 Потоа Јаков ги повика своите синови и им рече: „Соберете се, за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во идните времиња.
2 Соберете се и послушајте ме, вие синови на Јаков, послушајте го Израел, таткото ваш:
3 Рувиме, сине мој првороден, ти си тврдина моја и почеток на мојата сила; прв по достоинство и прв по моќ.
4 Ти бликаш како вода; нема да се издигнеш, зашто се качи на татковото легло, и ја оскверни постелата моја, на која се качи.
5 Симеон и Левиј се вистински браќа, оружје на насилство се мечовите нивни.
6 Во договарањата нивни да не учествува душата моја, ниту во собирот нивни славата моја; бидејќи тие во гневот свој луѓе убиваа, а за свое задоволство бикови сакатеа.
7 Проклет да е гневот нивни, зашто е жесток; и лутината нивна, бидејќи е свирепа; ќе ги разделам по Јакова, и ќе ги растурам низ Израел.
8 Јудо! Тебе ќе те слават браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се поклонуваат синовите на таткото твој.
9 Јудо, лавче мое мало! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легнуваш како лав и лавица. Кој смее да те предизвикува?
10 Нема да се одземе жезолот од Јуда, ниту од бедрата негови, сѐ дури не дојде Миротворецот, Кому ќе Му се покоруваат народите.
11 Тој го врзува за лоза своето магаре, а младото магаре на неговата магарица за дебела прачка; во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое;
12 очите му се потемни од вино, а забите му се побели од млеко.
13 Завулон ќе живее покрај море, до морско пристаниште, а границата ќе му биде до Сидон;
14 Исахар е како цврсто магаре, легнат меѓу оградите;
15 па, откако виде дека починката е добра, земјата пријатна, ги сви рамењата свои под трудот и стана роб на земјата.
16 Дан ќе му суди на својот народ, како едно од племињата израелски.
17 Дан ќе биде како змија на пат, како усојница на патека, која го каснува коњот за нога, и јавачот негов паѓа назад.
18 Од Господ очекувам спасение!
19 А Гад, ќе го нападнат разбојници, но тој, одејќи им по трагите, ќе ги совлада.
20 Кај Асир ќе има храна во изобилие; тој ќе им дава храна на кнезовите.
21 Нефталим е како кошута на слобода, која дава убав подмладок.
22 Јосиф е плодна гранка, плодородна гранка покрај извор, чии фиданки поминуваат над ѕидот.
23 И го огорчуваа, и стрелаа по него, и го прогонуваа силните стрелци,
24 но лакот негов остана јак, и мускулите на неговите раце останаа цврсти преку рацете на Моќниот (Бог) Јаковов, на пастирот и тврдината Израелова.
25 Од Бога на таткото твој, Кој ќе ти помага, и од Семоќниот Кој ќе те благослови со благослови одозгора од небото, со благослови од бездната подземна, со благослови од градите и од утробите.
26 Благословите на таткото твој ги надминаа благословите на старите планини и убавините на вечните ридови; тие нека се спуштаат и нека бидат над главата Јосифова, и над темето на избраниот меѓу браќата свои.
27 Венијамин е граблив волк, наутро ќе јаде лов, а навечер пленот ќе го дели.“
28 Тоа се дванаесетте колена израелски, и тоа им го изговори таткото нивни ги благослови: секого со посебен благослов ги благослови.
29 Потоа им заповеда, велејќи: „Јас се прибирам кај својот род, погребете ме при татковците мои, во пештерата што е во нивата на Хитиецот Ефрон.
30 Во пештерата, што е во нивата махпелска, спроти Мамре, во земјата хананска, која ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, за да има своја гробница.
31 Таму ги погребаа Авраам и жената негова Сара, таму ги погребаа и Исак и Ревека, жената негова, а таму јас ја погребав и Лија;
32 оваа нива и пештерата, што е во неа, е купена од синовите Хетеови.“
33 И престана Јаков да им говори на синовите свои, ги повлече нозете во постелата, па умре — и се прибра кај предците свои.