Genesis 47
1 И отиде Јосиф, па му јави на фараонот, велејќи: „Таткото мој и браќата мои, со својот ситен и крупен добиток, и со сѐ што имаат, дојдоа од хананската земја; и, ете, тие се сега во земјата Гесем.“
2 И земајќи од браќата свои пет души — ги претстави пред фараонот.
3 А фараонот им рече на браќата негови: „Каква работа работите?“ Тие му одговорија на фараонот: „Овчари се слугите твои, и ние и нашите татковци.“
4 И уште му рекоа на фараонот: „Дојдовме да поживееме во оваа земја, зашто нема пасишта за добитокот на слугите твои, бидејќи голем глад завладеа во хананската земја; затоа дозволи им на слугите твои да се населат во земјата Гесем.“
5 А фараонот му рече на Јосиф: „Таткото твој и браќата твои дојдоа кај тебе;
6 земјата египетска е под твоја власт; насели ги на најдобро место: таткото твој и браќата твои; нека живеат во земјата Гесем; и, ако знаеш дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледници над мојот добиток.“
7 Потоа го доведе Јосиф Јакова, таткото свој и го претстави пред фараонот: Јаков го благослови фараонот.
8 А фараонот го праша Јаков: „Колку години имаш?“
9 Му одговори Јаков на фараонот: „Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет години. Малку се, а беа и несреќни и не ги достигнаа дните на татковците мои, колку што тие живееја.“
10 Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од него.
11 А Јосиф ги насели и таткото свој и браќата свои и им даде најдобро место во сопственост во земјата египетска во областа Рамесес, како што беше заповедал фараонот.
12 И му даваше Јосиф жито на таткото свој и на браќата свои, и на целиот татков дом, според бројот на членовите.
13 Но жито немаше по целата земја, зашто гладот стана многу голем: се истоштија египетската и хананската земја од глад.
14 И го собра Јосиф сето сребро што се наоѓаше во земјата египетска и во земјата хананска, за житото, што го купуваа, и го однесе Јосиф среброто во домот фараонов.
15 И снема сребро во земјата египетска и во земјата хананска. Тогаш сите Египќани почнаа да доаѓаат кај Јосиф и викаа: „Дај ни леб! Зошто да умираме пред тебе? Среброто веќе заврши.“
16 А Јосиф им велеше: „Дајте го добитокот свој, па ќе ви дадам храна за добитокот, штом среброто сте го потрошиле.“
17 И го доведуваа добитокот свој кај Јосиф, а Јосиф им даваше жито за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за магарињата. Така ги исхрани таа година со жито во замена за сиот добиток нивни.
18 А кога помина таа година, почнаа пак да доаѓаат кај него и втората година, велејќи: „Нема да криеме од господарот наш дека среброто наше сврши, а и стадата добиток се кај господарот наш, па не ни остана веќе ништо да му донесеме на господарот наш, освен телата наши и нивите наши.
19 За да не пропаднеме пред очите твои, купи нѐ нас и нивите наши за жито, па ние и земјата наша да му станеме робови на фараонот. А ти дај ни семе, да сееме и да останеме живи и да не умреме, та и земјата да не запусти.“
20 И така Јосиф ја купи за фараонот сета земја во Египет, бидејќи сите Египќани ја продадоа својата земја на фараонот, зашто гладот ги притисна. И земјата стана фараонова.
21 А народот го пороби од едниот крај на Египет до другиот.
22 Само не ги купи имотите на свештениците, бидејќи фараонот имотите им ги подарил, и тие се хранеа од давачки, што им ги определил фараонот. Затоа тие не ја продадоа својата земја.
23 Јосиф, пак, му рече на народот: „Ете, ве купив денес вас и нивите ваши за фараонот. Па, еве ви семе, и посејте ги нивите.
24 Но од родот една петина ќе му давате на фараонот, а четирите дела нека останат за вас: за сеење на нивите и за прехрана ваша и на оние, кои се по домовите ваши, како и за прехрана на вашите деца.“
25 А тие рекоа: „Ти ни го запази животот; нека најдеме милост пред господарот наш и да му бидеме робови на фараонот.“
26 И донесе Јосиф закон, кој е и денес во сила во земјата египетска: петина му припаѓа на фараонот, освен од земјата на свештениците, што не стана фараонова.
27 А Израел се насели во египетската земја, во областа Гесем, и ја владееја, и се изнародија и намножија многу.
28 И поживеа Јаков во египетската земја седумнаесет години; Јаков живееше вкупно сто четириесет и седум години.
29 А кога се наближи времето Израел да умре, го повика својот син Јосиф и му рече: „Ако сум нашол милост пред тебе, стави ја раката твоја под бедрото мое, и направи ми милост и вети ми дека нема да ме погребеш во Египет.
30 Но за да почивам кај татковците мои, ќе ме пренесеш надвор од Египет и ќе ме погребеш во гробот нивни.“ А тој рече: „Ќе направам како што велиш.“
31 И му рече: „Заколни ми се!“ И тој му се заколна. Тогаш Израел му се поклони врз перницата од својата постела.