Genesis 32006

1Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“

2А жената ѝ рече на змијата: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот;

3— само од родот на она дрво среде рајот, — рече Бог, — не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете!“

4Тогаш змијата ѝ рече на жената: „Не, нема да умрете!

5Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.“

6Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше.

7Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала.

8Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја.

9Но Господ Бог го повика Адам и му рече: „Каде си?“

10А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив.“

11И Тој рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?“

12Адам, пак, рече: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде плод од дрвото, и јас јадев.“

13Тогаш Господ Бог ѝ рече на же­ната: „Зошто го направи тоа?“ Жената одговори: „Змијата ме измами, и јас јадев.“

14На змијата, пак, ѝ рече Господ Бог: „Затоа што си го направила тоа, про­к­лета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сѐ до крајот на својот живот!

15И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата.“

16А на жената ѝ рече: „Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца, и ќе се приклониш кон мажот свој, и тој ќе ти биде господар!“

17Па потоа му рече на Адам: „Би­дејќи ја послуша жената твоја и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: — не јади од него — затоа земјата нека биде проклета за тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот;

18трње и бодлики ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска.

19Со пот на лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“

20Адам ја нарече својата жена Ева, бидејќи таа стана мајка на сите живи.

21А Господ Бог им направи на Адам и на неговата жена облеки од кожа, и ги облече во нив.

22И Господ Бог рече: „Ете, Адам стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега, да не ја испружи раката своја и да земе пак од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!“

23Тогаш Господ Бог го изгони од Едем­ската градина, за да ја обработува земјата, од која беше земен.

24Откако, пак, го изгони Адам, по­с­та­ви на исток пред градината Едем хе­рувим и огнен меч, кој се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Genesis 3.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.