Genesis 22006

1Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство.

2Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.

3И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде.

4Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото.

5А уште не беа никнале полски грмушки и земни тревки, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек кој ќе ја обработува земјата,

6но се креваше пара од земјата и ја оросуваше површината на целата земја.

7И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.

8И Господ Бог насади рајска градина на исток; и таму го насели човекот што го создаде.

9И Господ Бог направи да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото.

10Од Едем извираше река за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше на други четири реки.

11Името на едната е Пишон; таа тече околу целата Хевилска земја, каде што има злато.

12Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс.

13А на втората река името ѝ е Гион; таа тече околу целата земја Куш.

14Името, пак, на третата река е Тигар; таа тече на исток од Асирија. Четвртата река е Еуфрат.

15И го зеде Господ Бог човекот, го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.

16И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш,

17освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“

18И Господ Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“

19Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името.

20И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него.

21Затоа Господ му прати на човекот длабок сон; па кога заспа, му извади едно ребро, и местото го пополни со месо.

22Од реброто, што го зеде од човекот, Господ Бог создаде жена и ја доведе кај човекот.

23А човекот рече: „Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!“

24Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и ќе бидат едно тело.

25И беа обајцата голи, Адам и жената негова, и не се срамеа.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Genesis 2.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.