Genesis 1
1 Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
2 Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата.
3 И Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина.
4 И Бог виде дека светлината е нешто добро; и ја оддели Бог светлината од темнината.
5 Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И настапи вечер, и настапи утро — прв ден.
6 Потоа Бог рече: „Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!“
7 И создаде Бог свод; и ја одвои водата што е под сводот од водата што е над сводот. Така и стана.
8 И сводот Бог го нарече небо. И настапи вечер и настапи утро — втор ден.
9 И Бог рече: „Нека се собере водата што е под небото на едно место, и нека се појави копно!“ И стана така.
10 Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече — мориња; и виде Бог дека тоа е добро.
11 И Бог рече: „Нека израсте од земјата зеленило — трева што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе!“ И стана така.
12 Земјата пушти од себе зеленило: трева што дава семе според својот род, а и дрвја што раѓаат плод, чие семе е според нивниот род. И Бог виде дека тоа е добро.
13 И настапи вечер, и настапи утро — трет ден.
14 Потоа Бог рече: „Нека се појават светила на небескиот свод, за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините;
15 и нека бидат тие светилници на небескиот свод, за да ја осветлуваат земјата!“ И стана така.
16 Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите;
17 и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата,
18 и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро.
19 И настапи вечер, и настапи утро — четврти ден.
20 Потоа рече Бог: „Водата нека се исполни со живи суштества, а низ небескиот свод над земјата нека полетаат птици!“
21 И Бог создаде големи риби и секаков вид животни влекачи што живеат во водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според нивниот род. И виде Бог дека тоа е добро.
22 И ги благослови Бог, велејќи: „Плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека се намножат на земјата!“
23 И настапи вечер, и настапи утро — петти ден.
24 Пак рече Бог: „Нека изведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, лазачи и ѕверови земни според нивниот род!“ И стана така.
25 И Бог создаде ѕверови земни, според родот нивен, и добиток според родот негов, и секакви гадинки земни, според родот нивен. И Бог виде дека тоа е добро.
26 Потоа Бог рече: „Да создадеме човек според Нашиот образ, според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, и над добитокот — над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!“
27 И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде.
28 И ги благослови Бог, и им рече: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги морските риби, и небеските птици, и сите животни што лазат по земјата!“
29 И Бог рече: „Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна!
30 А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сѐ што се движи по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.“ Така и стана.
31 И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро — шести ден.