Bible

Connect

With Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 26

:
Macedonian - 2006
1 Но настана глад во земјата покрај оној што беше во Авраамовото време; и Исак отиде кај Авимелех, царот филистејски, во Герар.
2 И му се јави Господ и рече: „Не оди во Египет, туку живеј во земјата, која ќе ти ја покажам.
3 Насели се во таа земја и Јас ќе бидам со тебе, и ќе те благословам; зашто тебе и на потомството твое ќе ви ја дадам сета таа земја, и ќе ја потврдам заклетвата, со која му се заколнав на Авраам, таткото твој;
4 и ќе го умножам потомството твое како ѕвездите на небото, и ќе му ја дадам на потомството твое сета таа земја и ќе се благословат преку потомството твое сите земни народи.
5 Бидејќи Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои.“
6 И се насели Исак во Герар.
7 А луѓето во тоа место прашуваа за жената негова, а тој велеше сестра ми е зашто се плашеше да каже жена ми е за да не го убијат луѓето од тоа место заради Ревека, бидејќи таа беше убава.
8 Но откако мина многу време, Ави­мелех, царот филистејски, погледна низ прозорец, и виде како Исак се забавува со Ревека, жената своја.
9 И го викна Авимелех Исак и му рече: „Па, таа ти била жена; а зошто ре­че сестра ми е?“ А Исак му одго­вори: „Зашто помислив дека ќе загинам поради неа.“
10 Авимелех тогаш му рече: „Што ни направи? Лесно можеше да се случи некој од надвор да легне со твојата жена, и ќе нѐ воведеше во грев.“
11 И му заповеда Авимелех на сиот народ свој, велејќи: „Кој ќе се допре до овој човек или до жената негова, ќе загине!“
12 И Исак почна да сее во таа земја, и таа година доби стопати повеќе јачмен. Господ го благослови.
13 И човекот се издигна и стануваше сѐ поголем, додека не стана многу бо­гат.
14 И се здоби со стада ситен и крупен добиток и со многу слуги, така што Филистејците почнаа да му завидуваат.
15 Па сите извори што ги беа ископале татковите му слуги при животот на неговиот татко Авраам, Филистејците ги затрупаа со земја.
16 И Авимелех му рече на Исак: „Оди си откај нас, зашто стана многу посилен од нас!“
17 Тогаш Исак си отиде оттаму, и ги распна шаторите свои во Герарската до­лина, и се насели таму.
18 И одново ги откопа изворите што беа ископани во времето на Авраам, таткото негов, а кои ги беа затрупале Филистејците по смртта на Авраам; и ги нарече со истите имиња, што им ги беше дал неговиот татко.
19 И, копајќи во долината, слугите Исакови најдоа извор со жива вода.
20 Па се скараа пастирите герарски со пастирите на Исак, велејќи: „Водата е наша.“ И му кладе име на тој извор Есек.
21 Ископаа друг извор, и околу него се скараа. Затоа него го нарече Ситна.
22 Тогаш се крена оттаму, и ископа нов извор, а околу него немаше караница; затоа го нарече Реховот, велејќи: „Зашто Господ ни даде простори за да се размножиме во оваа земја.“
23 А оттаму тој замина во Вирсавија.
24 И истата ноќ му се јави Бог, и му рече: „Јас сум Бог на Авраам, таткото твој. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; ќе те благословам и ќе го умно­жам потомството твое заради Авраам слугата мој.“
25 И направи тој таму жртвеник, и Го призва името Господово. И таму го распна шаторот свој, а слугите на Исак ископаа извор таму.
26 Тогаш дојде кај него Авимелех од Герар, со Ахузат, пријателот свој, и со Пихол, војсководецот свој.
27 А Исак им рече: „Зошто дојдовте кај мене кога ме мразите и ме истеравте откај вас?“
28 А тие одговорија: „Видовме дека Господ е навистина со тебе, па рековме да положиме меѓу тебе и нас клетва и да склучиме со тебе сојуз
29 да не ни правиш зло, бидејќи и ние тебе не те допревме и ти правевме само добро, и те пуштивме да заминеш спокојно; и ете, сега си благословен од Господ.“
30 Тогаш тој им приреди гозба; па јадеа и пиеја.
31 А утредента, откако станаа рано, се заколнаа еден на друг, и ги отпушти Исак, и тие отидоа од него со мир.
32 Истиот ден дојдоа слугите на Исак и му кажаа за изворот, што го ископаа, и му рекоа: „Најдовме вода.“
33 И тој го нарече Шива. Поради ова и се вика оној град Вирсавија и до ден денешен.
34 А кога Исав имаше четириесет години, се ожени со Јудита, ќерка на Хитиецот Беери, и со Васемата, ќерка на Хитиецот Елон.
35 А тие станаа тегоба за Исак и Ре­века.