Genesis 27
1 Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, го повика постариот свој син Исав, и му рече: „Сине мој!“ А тој одговори: „Еве ме.“
2 Исак рече: „Еве остарев и не го знам денот на мојата смрт.
3 Земи го сега оружјето свое, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч!
4 Па зготви ми јадење какво што сакам, и донеси ми да јадам, за да те благослови душата моја, пред да умрам.“
5 А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исав; и Исав отиде в поле да улови и донесе дивеч.
6 Ревека, пак, му рече на синот свој Јаков, велејќи: „Ете, го чув татко ти, како му велеше на братот твој Исав:
7 ‚Донеси ми дивеч и зготви ми јадење, да јадам, па да те благословам пред Господ, пред да умрам.‘
8 Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам:
9 Оди при стадото и донеси оттаму две добри (млади) јариња; и јас ќе зготвам за таткото твој јадење од нив, какво што сака;
10 а ти ќе му однесеш на татко си, и тој ќе јаде, па ќе те благослови дури е уште жив.“
11 А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: „Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок.
12 Може татко ми да ме допре, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.“
13 А мајка му одговори: „Проклетството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!“
14 Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си; а мајка му зготви јадење, какво што сакаше татко му.
15 Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исав, што беше кај неа дома, и го облече Јаков, помладиот нејзин син,
16 а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички.
17 И му го даде на Јаков, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила.
18 А тој влезе при татко си и му рече: „Татко!“ А тој одговори: „Еве ме! Кој си ти, синко?“
19 Јаков, пак, му рече на татко си: „Јас сум Исав, твојот првороден син; направив, како што ми рече; стани, седни и јади од ловот мој, па да ме благослови душата твоја.“
20 А Исак му рече на синот свој: „Кога толку бргу најде, синко мој?“ А тој одговори: „Господ, твојот Бог, ми донесе среќа.“
21 Тогаш му рече Исак на Јаков: „Дојди поблизу, синко мој, да те допрам и да видам дали си ти, синот мој Исав, или не!“
22 И пристапи Јаков до Исак, таткото свој, а тој го допре, па рече: „Гласот е глас на Јаков, но рацете се раце Исавови.“
23 И не го позна, зашто рацете му беа како рацете на Исав, братот негов, рунтави. И го благослови.
24 И му рече: „Ти ли си синот мој Исав?“ А тој одговори: „Јас сум.“
25 Тогаш рече: „Дај ми сега, синко, да јадам од ловот твој, па да те благослови душата моја.“ И му даде и тој јадеше; па му донесе и вино, и пиеше.
26 Потоа Исак, таткото негов, му рече: „Приближи се до мене и целивај ме, синко!“
27 И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: „Еве, мирисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ.
28 Бог нека ти даде роса небеска и родна земја: многу жито и вино во изобилие!
29 Народи да ти слугуваат и племиња да ти се поклонуваат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се поклонуваат синовите на мајка ти! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен — оној што тебе ќе те благословува!“
30 Па откако Исак го благослови Јаков, и Јаков отиде од Исак, таткото свој; во тој час дојде од лов Исав, братот негов.
31 И тој му зготви јадење и му однесе на татко си, и му рече: „Стани, татко, и јади од она што синот твој улови, за да ме благослови душата твоја!“
32 И Исак, таткото негов, му рече: „Кој си ти?“ А тој рече: „Јас сум синот твој, првородениот Исав.“
33 Тогаш Исак многу се возбуди и рече: „А кој беше оној, кој уловил лов и ми донесе од сѐ, и јас јадев, пред да дојдеш ти, и го благословив? Тој и ќе остане благословен.“
34 А кога ги чу Исав зборовите на таткото негов, извика на сиот глас и многу се нажали, па му рече на татко си: „Благослови ме и мене, татко!“
35 А тој му одговори: „Дојде братот твој со итрина, и го зеде твојот благослов.“
36 (Исав), пак, рече: „Сигурно затоа му е името Јаков, еве веќе двапати ме истисна. Првородството ми го зеде, а сега и благословот ми го зеде.“ Потоа рече: „Не остави ли благослов и за мене?“
37 И Исак одговори и му рече на Исав: „Него веќе го поставив за господар над тебе; и сите браќа негови ги определив да му бидат слуги; со жито и вино го обдарив; а што да направам сега, синко, за тебе?“
38 Но Исав му рече на татко си: „Зар само еден благослов има кај тебе, татко? Благослови ме и мене, татко!“ И (бидејќи Исак молчеше) извика Исав на сиот глас и заплака.
39 Тогаш Исак, таткото негов, одговарајќи му, рече: „Ете, домот твој ќе биде од плодна земја и од роса небеска одозгора.
40 Од мечот свој ќе живееш и на братот твој ќе му служиш; но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го отфрлиш јаремот негов од вратот свој.“
41 Тогаш Исав го намрази Јакова поради благословот, со кој го беше благословил татко му; и си рече Исав во срцето свое: „Се наближуваат деновите на оплакувањето за таткото мој; тогаш ќе го убијам Јаков, братот мој.“
42 И ѝ ги кажаа на Ревека зборовите од Исав, постариот нејзин син, а таа испрати, па го повика Јаков, помладиот син нејзин, и му рече: „Братот твој Исав се заканува дека ќе те убие.
43 Затоа, синко, послушај ме сега: — Стани и бегај (во Месопотамија) кај Лаван, братот мој, во Харан,
44 и живеј кај него некое време, додека му помине гневот на братот твој;
45 и додека не се смири лутината на братот твој и подзаборави што си му направил. А тогаш, јас ќе пратам, да те доведат оттаму. Зошто да останам без вас двајцата во еден ден?“
46 А на Исак Ревека му рече: „Ми омрзна животот поради ќерките хитиски. А ако земе Јаков жена од ќерките хитиски, какви што се овие, од ќерките на оваа земја, тогаш зошто ми е животот?“