Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 24

:
Macedonian - 2006
1 А Авраам беше веќе стар и во години. Господ го беше благо­словил во сѐ.
2 И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој упра­вуваше со целиот негов имот: „Ста­ви ја раката своја под бедрото мое
3 и заколни ми се во Господ Бог на небото и Бог на земјата дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките ханански, меѓу кои живеам,
4 туку ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, и ќе му доведеш жена на синот мој Исак оттаму.“
5 А слугата му рече: „Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; да го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?“
6 А Авраам му рече: „Гледај да не го одведеш синот мој таму.
7 Господ, Бог на небесата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Тој ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму.
8 Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе, тогаш нека ти е простена клетвата моја; само синот мој не враќај го таму!“
9 И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраам, господарот негов, и му се заколна во тоа.
10 Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој и тргна; со себе зеде и од драгоценостите на господарот свој. Тогаш стана и отиде во Месопотамија, во градот Нахоров.
11 И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечер кога жените излегуваат да полнат вода.
12 И рече: „Господи, Боже на господарот мој Авраам, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраам.
13 Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода.
14 И на која девојка ќе ѝ речам ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ а која ќе рече ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам‘, неа си ја определил за слугата Твој Исак; и по тоа ќе разберам дека му правиш милост на господарот мој.“
15 И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ветуил, синот на Милка, жената на Нахор, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо.
16 А беше многу убава девојка, која маж уште не ја беше познал. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре.
17 Тогаш слугата излезе пред неа и рече: „Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!“
18 А таа одговори: „Еве, пиј, господаре.“ И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие.
19 А кога се напои, му рече: „И на камилите твои ќе им налевам додека не се напијат.“
20 И веднаш ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови.
21 А човекот ја гледаше со восхит и молкум, сакајќи да узнае дали го бла­гословил Господ патот негов или не.
22 А откако камилите се напоија, човекот извади златна обетка, тешка една бека, и две гривни за нејзините раце, од десет шекели злато.
23 И рече: „Чија ќерка си? Кажи ми: има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?“
24 А таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Милка, која му го роди на Нахор.“
25 И уште му рече: „Има кај нас многу слама и крма; а и место за ноќевање.“
26 Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господ,
27 па рече: „Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата верност. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.“
28 Девојката, пак, отрча дома и сето ова го кажа на својата мајка.
29 А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот.
30 Откако ги виде обетката и гривните на рацете од сестрата своја и чу кога сестра му Ревека рече вака ми зборуваше човекот тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите кај изворот.
31 И рече: „Дојди ти, кој си благословен од Господ; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.“
32 Тогаш човекот дојде во куќата; и ги растовари камилите; и им дадоа слама и крма на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него, за да ги измијат.
33 И им поставија храна да јадат. Но тој рече: „Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.“ И му рекоа: „Зборувај!“
34 Тогаш рече: „Јас сум слуга Авра­амов.
35 Господ го благослови господарот мој многу, та стана богат; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и магариња.
36 А Сара, жената на господарот мој, во старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот.
37 Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи: ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките на Ханан­ците, во чија земја живеам;
38 туку појди во домот на таткото мој, кај роднините мои, и оттаму земи жена за синот мој.‘
39 А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘
40 А тој ми рече: ‚Господ, во чие присуство ќе одиш, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој.
41 Тогаш ќе ти биде простена клетвата моја, кога ќе отидеш кај роднините мои; а и ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘
42 И кога дојдов денес на изворот, реков: Господи, Боже на господарот мој Авраам, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам,
43 еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја,
44 и ако таа ми одговори Еве, и ти пиј, и на камилите твои ќе им налеам таа нека биде жената, која Господ ја определил за синот на господарот мој.
45 Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков ‚Дај ми да се напијам.‘
46 И таа веднаш ја спушти стомната и рече ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ Се напив, и камилите мои ги напои.
47 Тогаш ја прашав и реков: ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: ‚Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Нахор, кого му го роди Милка‘. Тогаш ѝ ги ставив обетките и гривните на рацете нејзини.
48 Па Му се поклонив на Господ; и Го благословив Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот мој за неговиот син.
49 А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.“
50 А Лаван и Ветуил одговорија: „Од Господ дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро.
51 Ете, Ревека е пред тебе, земи ја, па оди, и нека му биде жена на синот од твојот господар, како што рекол Гос­под.“
52 А кога ги чу слугата Авраамов збо­ровите нивни, Му се поклони на Господ доземи.
53 Потоа слугата извади златни и сребрени работи, и облека, и ѝ ги даде на Ревека; а и на братот нејзин и на мајката нејзина им даде скапи подароци.
54 Па јадеа и пиеја, тој и луѓето што беа со него, и ноќеваа. А утредента кога станаа, тој рече: „Пуштете ме да се вратам кај господарот мој!“
55 А братот нејзин и мајка ѝ рекоа: „Нека остане девојката кај нас макар уште десет дена, па тогаш одете.“
56 Но тој им рече: „Не задржувајте ме, зашто Господ го благослови мојот пат; пуштете ме да си одам кај господарот мој!“
57 А тие рекоа: „Да ја викнеме девој­ката, и да ја прашаме, што ќе рече таа.“
58 И ја повикаа Ревека, па ѝ рекоа: „Сакаш ли да одиш со овој човек?“ А таа одговори: „Сакам.“
59 И ја пуштија Ревека, сестрата своја, и доилката нејзина, со слугата Авраамов и луѓето негови.
60 Ја благословија Ревека и ѝ рекоа: „Сестро наша, да се народат од тебе илјади и илјади, и потомството твое да ги завладее домовите на непријателите твои!“
61 И стана Ревека со слугинките, и се качија на камилите, и тргнаа со чове­кот. Така слугата ја зеде Ревека и си отиде.
62 А Исак беше дошол од Беер Лахај Рои, зашто живееше во јужниот крај.
63 Приквечер излезе Исак во полето да се прошета, па ги крена очите: а тоа ете, камилите идат.
64 Ревека, откако ги подигна очите свои и го виде Исак, слезе од камилата
65 и го праша слугата: „Кој е оној човек, што преку полето ни доаѓа во пресрет?“ А слугата одговори: „Тоа е господарот мој.“ Тогаш таа зеде превез, па се покри.
66 И му раскажа слугата на Исак сѐ што беше направил.
67 Тогаш Исак ја одведе во шаторот на Сара, мајката своја, и ја зеде Ревека и таа му стана жена, и му омиле. И Исак се утеши за Сара, мајката своја.