Genesis 20
1 Авраам оттаму тргна на југ, и се настани меѓу Кадис и Сур; и живееше некое време во Герар.
2 Тогаш велеше Авраам за жената своја Сара дека му е сестра. А царот герарски Авимелех испрати, да ја земат Сара.
3 Но Бог дојде кај Авимелех ноќе во сон, и му рече: „Ете, ќе умреш заради жената, која си ја зел, зашто таа има маж.“
4 А Авимелех не беше се допрел до неа, па рече: „Господи, зар ќе погубиш праведен народ?
5 Нели самиот тој ми рече — ‚Сестра ми е‘ — а и таа самата рече ‚Брат ми е‘ — а јас тоа го направив простосрдечно и со чисти раце.“
6 Тогаш му рече Бог во сонот: „И јас знам дека тоа го стори со чисто срце, затоа те задржав да не грешиш пред Мене и не ти допуштив да се допреш до неа.
7 А сега врати му ја на човекот жената негова, зашто е пророк, и ќе се помоли за тебе, и ќе останеш жив. Ако не ја вратиш, знај дека ќе умреш и ти и сите твои.“
8 Утредента рано стана Авимелех, и ги повика сите слуги свои, и им го кажа сето тоа да го чујат. И тие многу се уплашија.
9 Тогаш Авимелех го повика Авраам и му рече: „Што направи ти со нас? Што ти згрешив, па сакаше да навлечеш на мене и на царството мое голем грев? Ми го направи она, што никој не го прави.“
10 И уште му рече Авимелех на Авраам: „Што имаше на ум, кога го направи тоа?“
11 А Авраам одговори: „Си помислив дека во ова место нема страв Божји, па ќе ме убијат поради жената моја.
12 А всушност и ми е сестра: по татко, но не и по мајка: и се омажи за мене.
13 А кога ме изведе Господ од домот на мојот татко, јас ѝ реков: направи ми добро и кажувај за мене во секое место каде што ќе дојдеме: ‚Брат ми е.‘“
14 Тогаш Авимелех зеде ситен и крупен добиток, и слуги, и слугинки, и му ги даде на Авраам, и му ја врати Сара, жената негова.
15 И рече Авимелех: „Еве, земјата моја е пред тебе; и каде што ти е угодно, насели се!“
16 А на Сара ѝ рече: „Еве, му дадов на твојот брат илјада шекели сребро: тоа нека биде доказ дека си виновна, и пред сите си оправдана.“
17 Авраам, пак, Му се помоли на Бога, и Бог ги исцели Авимелеха, и жената негова, и слугинките негови, и тие почнаа да раѓаат;
18 зашто Господ ги беше затворил сите утроби во домот на Авимелех поради Сара, жената Авраамова.