Genesis 12
1 И му рече Господ на Аврам: „Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас!
2 А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен.
3 Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и преку тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата.“
4 Тогаш тргна Аврам, како што му кажа Господ, а со него појде и Лот. Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан.
5 И ги зеде Аврам Сараја, жената своја, и Лот, братанецот свој, со целиот имот што го беа спечалиле, и слугите што ги беа придобиле во Харан, па излегоа за да отидат во земјата хананска.
6 И Аврам ја помина таа земја до местото Сихем, кај светото дрво во Мамре; а тогаш во таа земја живееја Хананци.
7 И му се јави Господ на Аврам и му рече: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство.“ И му подигна таму жртвеник на Господ, Кој му се јави.
8 Потоа оттаму тој замина кон планината, на исток од Ветил, и таму го распна шаторот свој; и Ветил му беше од запад, а Гај од исток; и таму Му подигна на Господ жртвеник, и го призва името Господово.
9 А оттаму се крена Аврам и се упати кон југ.
10 Но имаше глад во таа земја и Аврам слезе во Египет да поживее таму; зашто гладот продолжи во оваа земја.
11 И кога се доближуваше до Египет, ѝ рече на жената своја Сараја: „Еве, јас знам дека си убава жена;
12 затоа, кога ќе те видат Египќаните, ќе речат — оваа му е жена — па ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива.
13 Туку, кажи дека си ми сестра, за да ми биде добро покрај тебе и да ме остават жив поради тебе.“
14 И кога дојде Аврам во Египет, Египќаните видоа дека таа е многу убава жена.
15 Ја видоа и дворјаните фараонови, па ја пофалија пред фараонот. И жената беше одведена во домот фараонов.
16 И поради неа Аврам живееше добро; имаше ситен и крупен добиток, магариња, слуги, слугинки, маски и камили.
17 Но Бог пушти големо зло на фараонот и на неговиот дом поради Сараја, жената Аврамова.
18 Тогаш фараонот го повика Аврам и му рече: „Зошто ми го направи тоа? Зошто не ми кажа дека ти е жена?
19 Зошто рече ‚сестра ми е‘, па јас сакав да ја земам за жена?! Сега, пак, ете ти ја жената, земи си ја и оди си!“
20 И фараонот определи луѓе, кои го испратија Аврам и жената негова, со сѐ што имаше.