Genesis 11
1 По целата земја имаше еден јазик и исти зборови.
2 А кога луѓето се селеле од исток, најдоа рамнина во земјата Сенаар и се населија таму.
3 И си рекоа меѓу себе: „Ајде да правиме тули и на оган да ги печеме!“ И користеа тули наместо камен и земјана смола наместо вар.
4 Потоа рекоа: „Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по целата земја!“
5 Тогаш Господ се спушти да го види градот и кулата, што ги ѕидаа синовите човечки.
6 И рече Господ: „Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик; ова е само почеток на нивните настојувања. Наскоро ќе прават сѐ што ќе наумат!
7 Ајде да слеземе и да им го збркаме нивниот јазик за да не се разбираат еден со друг што зборуваат!“
8 И така Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот.
9 Затоа тој се нарече Вавилон, зашто таму го збрка Господ јазикот на целата земја и оттаму ги растури Господ по целата земја.
10 Ова е родословието на Сим: Сим имаше сто години кога го роди Арфаксад, две години по потопот.
11 И откако го роди Арфаксад, поживеа Сим петстотини години, раѓајќи синови и ќерки.
12 А Арфаксад поживеа триесет и пет години и го роди Сала.
13 По раѓањето на Сала, Арфаксад поживеа четиристотини и три години, раѓајќи синови и ќерки.
14 Сала поживеа триесет години и го роди Евер.
15 А, откако го роди Евер, Сала поживеа четиристотини и три години, раѓајќи синови и ќерки.
16 Евер поживеа триесет и четири години, и го роди Фалек.
17 По раѓањето на Фалек, Евер поживеа четиристотини и триесет години, раѓајќи синови и ќерки.
18 А Фалек поживеа триесет години и го роди Рагав.
19 А, откако го роди Рагав, Фалек поживеа двесте и девет години, раѓајќи синови и ќерки.
20 Рагав поживеа триесет и две години и го роди Серух;
21 а откако го роди Серух, Рагав поживеа двесте и седум години, раѓајќи синови и ќерки.
22 Серух поживеа триесет години и го роди Нахор.
23 По раѓањето на Нахор, Серух поживеа двесте години, раѓајќи синови и ќерки.
24 Нахор, пак, поживеа дваесет и девет години и го роди Тара;
25 по раѓањето на Тара, Нахор поживеа сто и деветнаесет години, раѓајќи синови и ќерки.
26 Тара поживеа седумдесет години и ги роди Аврам, Нахор и Аран.
27 А еве го родословието на Тара: Тара ги роди Аврам, Нахор и Аран; а Аран го роди Лот.
28 Аран умре кај таткото свој Тара во родната земја, во Ур Халдејски.
29 А Аврам и Нахор се оженија; името на жената Аврамова беше Сараја, а на жената Нахорова името ѝ беше Милка, ќерка на Аран, татко на Милка и Иска.
30 Сараја беше неплодна и немаше пород.
31 И го зеде Тара синот свој, и внукот од синот свој, Лот, син Аранов, и Сараја, снаата своја, жената на неговиот син Аврам; па излегоа заедно од Ур Халдејски за да појдат во земјата хананска; и дојдоа до Харан, каде што и се населија.
32 И поживеа Тара двесте и пет години; и умре Тара во Харан.