1Павле, апостол, повикан не од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бог Отецот, Кој Го воскресна од мртвите,
2и сите браќа што се со мене — до црквите во Галатија;
3благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ Исус Христос,
4Кој се даде Себе за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Отец.
5Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин!
6Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго Евангелие,
7зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово.
8Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет!
9Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте — нека биде проклет!
10Во луѓето ли сега барам благонаклонетост, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го проповедав, не е од луѓе,
12зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос.
13Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква и ја разорував;
14и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
15Кога Бог, Кој ме избра уште од мајчина утроба и ме повика преку Својата благодат, благоволи
16во мене да Го открие Својот Син за да благовестувам за Него меѓу незнабошците, — веднаш, не го прашав ни телото, ниту крвта,
17ниту, пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Кифа, и останав кај него петнаесет дена.
19А, пак, од апостолите не видов никој друг, освен Јаков, братот Господов.
20А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.
21А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.
22На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат,
23туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата што порано ја разорувал.
24И Го прославуваа Бога за мене.