Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Ezekiel 47

:
Macedonian - 2006
1 Потоа ме врати кај вратата на храмот, а ете, таму, под прагот на храмот течеше вода кон исток, би­дејќи храмот беше свртен кон исток, и водата течеше од под десната страна на храмот, јужно од жртвеникот.
2 Ме изведе низ северната врата и однадвор ме поведе кон надворешната врата, по патот, свртен кон исток, каде што водата течеше од десната страна.
3 Кога тој човек појде кон исток, во раката држеше јаже; тогаш тој измери илјада лакти и ме поведе преку водата; водата беше длабока до глуждовите.
4 Потоа измери уште илјада лакти и пак ме преведе преку водата; водата беше длабока до колена. Измери уште илјада лакти и ме преведе преку водата: водата беше длабока до појасот.
5 И пак измери уште илјада лакти, а таму веќе имаше река, преку која јас не можев да минам, бидејќи водата беше толку висока што требаше да пливам, зашто таа река не можеше да се прегази.
6 Па ми рече: „Виде ли, сине човеч­ки?“ Потоа ме поведе назад кон брегот на реката.
7 А кога се вратив назад, таму, пак, на бреговите од едната и од другата страна имаше многу дрвја.
8 И ми рече: „Оваа вода тече кон источниот дел на земјата, се спушта во Арава и потоа ќе се влива во морето; и водите на реката ќе бидат здрави.
9 И секое живо суштество што ќе се движи таму, каде што се вливаат двете струи, ќе биде здраво; и риби ќе има таму многу, зашто таа вода ќе се влива таму; и водите на морето ќе станат здрави, и каде што ќе се влива таа река, таму сѐ ќе биде живо.
10 И до него ќе стојат рибари од Ен-Геди до Ен-Еглаим, ќе фрлаат мрежи. Ќе има секаков вид риба, како и во Големото Море, и ќе има многу, многу риба.
11 Мочуриштата и барите негови, не­ма да станат здрави, тие ќе бидат оста­вени за сол.
12 По бреговите на реката од едната и од другата страна ќе растат секакви дрвја, што ќе даваат храна; лисјата нив­ни нема да свенуваат и плодовите нивни нема да завршуваат; секој месец ќе зре­ат нови, зашто водата од светилиштето тече за нив; плодовите нивни ќе служат како храна, а лисјата нивни за лек.“
13 Вака вели Господ Бог: „Еве ја рас­пределбата, според која вие ќе треба да ја разделите земјата во наследство помеѓу дванаесетте Израелови колена на Јосифовите два дела.
14 Па наследете ја, како едниот, така и другиот; зашто Јас, кога ја кренав раката, се заколнав дека ќе им ја дадам на татковците ваши, и таа земја ќе ви биде наследство.
15 А еве ја границата на земјата: од север, почнувајќи од Големото Море, преку Хетлон до Хамат, по патот за Цедад,
16 Берот, Сивраим, што се наоѓа меѓу областа на Дамаск, и Хамат, Хацер-Ти­кон, кој се наоѓа на Хауранската граница.
17 И границата од морето ќе биде до Хацар-Енан, границата со Дамаск и по­натаму на север сѐ до областа Хамат: тоа ќе биде северниот крај.
18 Од источната страна повлечете црта меѓу Хауран и Дамаск, меѓу Га­лаад и земјата израелска, по реката Јордан сѐ до морето источно: тоа е ис­точната граница.
19 А од јужната граница кон југ од Тамара до водата на Мерива во Кадис, сѐ по должината на потокот до Големо­то Море: тоа е јужната граница.
20 Западната граница ќе биде Големо­то Море, од југ до местото спроти Емат: тоа е западната граница.
21 Разделете си ја таа земја на делови според Израеловите колена.
22 А разделете ја со ждрепка како нас­ледство свое и наследство на придојдени, што живеат кај вас, и кои родиле деца кај вас, па и тие нека се сметаат како домородци, и да имаат дел од нас­ледството меѓу колената Израелови.
23 Кај чие колено живее доселеник, кај него дајте му и негово наследство“, вели Господ Бог.