Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Ezekiel 46

:
Macedonian - 2006
1 Така вели Господ Бог: „Вратата на внатрешниот двор, свртена кон исток, треба да биде затворена во текот на шесте работни денови, а во саботниот ден да биде отворена, но и во деновите на новомесечијата треба да биде отворена.
2 Кнезот ќе мине низ надворешниот трем до вратата и ќе застане кај довратниците на таа врата; свештениците ќе ја извршуваат неговата сепаленица и неговата благодарствена жртва; и тој пред прагот на вратата ќе Му се поклони на Господ и ќе излезе, а вратата ќе остане отворена до вечерта.
3 И народот од таа земја ќе се поклони пред Господ, пред влезот на вратата, во саботите и во новомесечијата.
4 Сепаленицата, која кнезот ќе Му ја принесува на Господ во саботен ден, треба да се состои од шест јагниња без недостаток и овен без недостаток;
5 лебниот принос ќе биде ефа на овен, а лебниот принос за јагнињата колку што ќе му даде раката, како и масло еден хин на ефа.
6 Во денот, пак, на новомесечие, тој ќе принесува по еден јунец без недостаток од стадото волови, а и по шест јагниња и по еден овен без недостаток.
7 Лебниот принос ќе се состои од ефа на јунец и ефа на овен, додека за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и масло по еден хин на ефа.
8 И кога доаѓа кнезот, тој треба да влегува низ тремот од таа врата, и по истиот пат да излегува.
9 А кога доаѓа народот од таа земја пред лицето на Господ во празнични де­нови, оној што ќе влегува низ северната врата за поклон, ќе треба да излезе низ јужната врата, додека оној што ќе влезе низ јужната врата, тој ќе треба да излезе низ северната врата: тој не треба да излегува низ истата врата низ која влегол, туку низ спротивната врата.
10 И кнезот треба да се наоѓа меѓу нив; кога ќе влегуваат тие, и тој влегува, и кога ќе излегуваат тие, излегува и тој.
11 И во празничните денови и за време прославите за лебен принос треба да има по ефа на јунец и по ефа на овен, а за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и масло по хин на ефа.
12 Ако, пак, кнезот по своја волја по­бара да принесе сепаленица или благодарствена жртва на Господ, тогаш нему ќе му се отвори вратата, свртена кон исток, и тој ќе ја принесе својата сепаленица и својата благодарствена жртва, онака како што се извршува во саботен ден, и потоа тој ќе излезе, но по него­вото излегување, вратата ќе се затвори.
13 Секој ден принесувај Му на Господ сепаленица по едно јагне без недостаток, принесувај го изутрина.
14 И лебен принос додавај кон него секое утро по една шестина од ефа и по една третина од хин масло, за да се покваси брашното; тоа е вечна наредба за лебниот принос на Господ, засекогаш.
15 Постојано, секое утро, да се принесува за сепаленица по едно јагне, лебен принос и масло.
16 Така вели Господ Бог: ако кнезот на некого од синовите свои му даде дар, тој дар треба да му е во наследство и на синовите негови; тоа нивно владение треба да биде наследствено.
17 Ако, пак, од наследственото свое му даде дар на некого од слугите свои, тој подарок ќе му припаѓа само до ослободувањето негово, а потоа тој ќе му се врати на кнезот. Само на неговите си­нови треба да остане наследството негово.
18 Но кнезот нема право да зема од наследствениот дел на народот, гонејќи ги луѓето од нивните владенија; само од своето владение тој може да дава на децата свои, та никој од народот Мој да не биде изгонет од неговото владение.“
19 И ме доведе тој до ходникот, што се наоѓаше откај вратите, во светите соби за свештениците, свртени кон север, а таму, ете, имаше едно место во дното кон запад.
20 И ми рече: „Ова е местото каде што свештениците треба да ја варат жртвата за престап и жртвата за грев, каде што треба да го печат лебниот принос, не изнесувајќи го во надворешниот двор, за осветување на народот.“
21 Па ме изведе во надворешниот двор и ме проведе по четирите агли на дворот, и, ете, кај секој дворен агол имаше пак двор.
22 Во сите четири дворни агли имаше покриени дворови, по четириесет лакти во должина и по триесет лакти во ширина, сите четири имаа иста мерка.
23 Насекаде околу четирите дворови имаше ѕидови, а кај ѕидовите беа напра­вени огништа наоколу.
24 И ми рече: ете, тоа се готварниците, во кои служителите во храмот ги варат народните жртви.