Ezekiel 45
1 Кога со ждрепка ќе ја делите земјата на делови, одделете свет дел за Господ — дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина; тоа место да биде свето како целина наоколу.
2 Од него до светилиштето да има четириаголник, по петстотини лакти наоколу и околу него, со ширинка од педесет лакти.
3 Според таа мерка измери дваесет и пет илјади трски надолж и десет илјади трски по ширината, каде што ќе се наоѓа светилиштето, Светињата над светињите.
4 Тој дел од светата земја ќе им припаѓа на свештениците, служители на светилиштето, кои ќе пристапуваат да Му служат на Господ; тоа место ќе биде место за куќи и светиња за светилиштето.
5 Дваесет и пет илјади трски по должина и десет илјади трски по ширина, ќе им припаѓа на левитите, служители на храмот, како нивно владение, каде што ќе живеат.
6 Дајте му и на градот владение од пет илјади трски нашир и дваесет и пет илјади трски по должина, спроти светото место, определено за Господ; тоа ќе му припаѓа на сиот дом Израелов.
7 И за кнезот определете дел од едната и од другата страна, до светото место, определено за Господ, како и до владението на градот, кон запад од западната страна и кон исток од источната страна, во должина еднаква со еден од оние делови од западниот до источниот крај.
8 Тоа ќе биде негова земја, негово владение во Израел, така што во иднина кнезовите Мои да не го угнетуваат народот Мој, и земјата да ја раздаваат на домот Израелов според колената негови.
9 Така вели Господ Бог: кнезови израелски, доста беше ова, оставете ги насилствата и принудувањата, а вршете закон и правда; престанете да го изгонувате народот Мој од владенијата негови, вели Господ Бог.
10 Имајте иста мерка: вистинска ефа и вистински бат.
11 Ефата и батот треба да бидат еднакви, така што батот да содржи една десетина хомер, а и ефата една десетина хомер; мерката нивна треба да се определува според хомерот.
12 Во еден шекел треба да се содржат дваесет гери; а дваесет шекели, дваесет и пет шекели и петнаесет шекели треба да ви претставуваат една мина.
13 Ете, тоа е данокот што ќе му го давате на кнезот: шести дел од ефа по секој хомер пченица и шести дел од ефа по секој хомер јачмен;
14 а мерката за маслото: една десетина бат од секој кор, (корот, како и хомерот изнесува десет бата);
15 по една овца на стадо од двесте овци, од богатото пасиште на Израел; сето тоа ќе биде дар за лебен принос, за сепаленица и за благодарствена жртва, поради нивното очистување, вели Господ Бог.
16 Сиот народ од земјата должен е да го дава тој принос за кнезот во Израел.
17 А кнезот е должен да принесува сепаленици и лебен принос, прелив на празници, во новомесечијата и во саботите за време на сите прослави во домот Израелов; тој ќе треба да принесува жртви за грев и лебен принос, сепаленици и благодарствени жртви за очистување на домот Израелов.
18 Така вели Господ Бог: во првиот месец, на првиот ден од месецот, земи од стадото волови јунец без недостаток и очисти го светилиштето.
19 Свештеникот нека земе крв од таа жртва за грев и со неа нека ги пороси довратниците на храмот и рамнинката на жртвеникот на четирите агли, а и довратниците на внатрешниот двор.
20 Тоа исто направи го и во седмиот ден од месецот за оние кои намерно и од незнаење грешат, па така очисти го храмот.
21 На четиринаесеттиот ден од првиот месец треба да празнуваш Пасха, седмодневен празник кога ќе се јадат бесквасни лебови.
22 Во тој ден кнезот ќе принесе за себе и за сиот народ во земјата жртва — еден јунец за грев.
23 И во тие седум дена на празникот тој ќе Му принесува на Господ сепаленица секој ден, по седум јунци и по седум овни без недостаток, а и жртва за грев секој ден — по еден козел од стадото кози.
24 Лебен принос ќе принесува по ефа на јунец и по ефа на овен, и масло по хин од ефа.
25 Во седмиот месец, на петнаесеттиот ден од месецот, на празникот, во текот на седумте дена тој треба да принесува исто таква жртва за грев, таква сепаленица, и толку лебен принос и толку масло.