Ezekiel 44
1 Потоа ме поведе назад, кај надворешната врата на светилиштето, свртена кон исток, а таа беше затворена.
2 И ми рече Господ: оваа врата ќе биде затворена, не смее да се отвора и ниеден човек нема да влезе низ неа, зашто Господ Бог Израелов влегува низ неа и таа ќе биде затворена.
3 Таа е за кнезот, само за кнезот, затоа што е кнез и ќе седне до неа за да јаде леб пред Господ: ќе влезе преку тремот на таа врата и преку неа ќе излезе.
4 Потоа ме одведе низ северната врата пред лицето на храмот и видов, а тоа славата Господова го исполнуваше домот Господов, и паднав ничкум.
5 И ми рече Господ: сине човечки, земи го при срце сево ова, гледај со очите свои и слушај го со ушите свои сето она, што ќе ти го кажам за сите наредби во домот Господов и за сите негови закони: пази добро за влезот на храмот и за сите излези од светилиштето.
6 И кажи му на отстапничкиот дом Израелов — вака вели Господ Бог: „Доме Израелов, престанете да ги вршите сите ваши гадотии,
7 да ги воведувате синовите на туѓинка, необрезани по срце и необрезани по плот, за да бидат во Моето светилиште и да го осквернуваат Мојот храм, да го поднесувате Мојот леб, мрснотија и крв и да го растурате Мојот завет со вашите секакви гадотии.
8 Вие не стоевте на стража пред моите светињи, а ги поставувавте нив како стражари место себе во Моето светилиште.
9 Така вели Господ Бог: ниеден син на туѓинка, необрезан по срце и необрезан по плот, не смее да влегува во Моето светилиште, дури и оној син на туѓинка, која живее меѓу синовите Израелови.
10 Исто така и левитите, кои се оддалечија од Мене во времето на Израеловото отстапништво, откако Ме оставија, блудствуваа со идолите свои, исто така тие ќе претрпат казна за гревовите свои.
11 Тие ќе служат во светилиштето Мое како стража пред вратата на храмот и како прислужници на храмот; тие ќе колат за луѓето сепаленици и други жртви; ќе стојат пред нив за да им служат.
12 А заради она што им служеа пред нивните идоли и за домот на Израел беа соблазан за нечестие, Јас ја кренав раката Своја врз нив, вели Господ Бог, и тие ќе претрпат казна за гревот свој;
13 тие нема да се приближуваат до Мене за да служат како свештеници пред Мене и да пристапуваат до сите Мои светињи, до Светињата над светињите, но ќе го носат врз себе срамот свој и гадотиите свои, што ги вршеле.
14 Ќе ги направам чувари на храмот за сите негови служби и за сѐ, што ќе се одвива во него.
15 А свештениците од коленото Левиево, синовите на Садок, кои постојано пазеа на Моето светилиште, кога синовите Израелови отстапија од Мене, ќе се приближуваат до Мене за да Ми служат и ќе се задржуваат пред лицето Мое, за да Ми принесуваат мрснина и крв, вели Господ Бог.
16 Тие ќе влегуваат во Моето светилиште и ќе се приближуваат до Мојата трпеза, за да ми служат и да бидат стража Моја.
17 Кога ќе дојдат до вратата на внатрешниот двор, тогаш ќе се облечат во ленени облеки, а волнени не смее да има во нив за сето време на службата, до вратите на внатрешниот двор и внатрешноста на храмот.
18 Превезите на главите нивни треба да бидат исто така ленени; а и долната облека на бедрата нивни исто така ленена; тие не смеат да се опашуваат со ништо, од што би се потеле.
19 А кога ќе треба да излезат во надворешниот двор, во надворешниот двор пред народот, тогаш ќе треба да ги соблечат облеките свои, со кои служеле, и да ги остават во свештените соби и да облечат други облеки, а со свештените облеки да не се допираат до народот.
20 И главата своја не смеат да ја бричат ниту косата да ја пуштаат, туку да ја стрижат главата своја.
21 Ниеден свештеник да не пие вино, кога ќе влегува во внатрешниот двор.
22 Ниту вдовица, ни пак разведена жена од маж не смее тој да зема за жена, туку само девојка од племето на домот Израелов, и вдовица од свештеник.
23 Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свештено од несвештено и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто.
24 Во расправиите на судовите треба да присуствуваат и според Моите наредби да судат и да пазат на Моите закони и на наредбите Мои за сите Мои празници и свето да пазат на Моите саботи.
25 До мртов човек никој да не се доближува, за да не стане нечист, само заради татко и мајка, заради син и ќерка, брат и сестра што не се женеле можат да се осквернат.
26 На таков, откако ќе се очисти, треба да се избројат уште седум дена.
27 И во оној ден, кога ќе треба да пристапи до светињата во внатрешниот двор, за да служи пред светињата, тој треба да принесе жртва за грев, вели Господ Бог.
28 А што се однесува до делот нивни, Јас сум нивниот дел. И сопственост во Израел не давајте им: Јас сум нивната сопственост.
29 Тие ќе јадат од лебниот принос, од жртвата за грев и од жртвата за престап: и сѐ што е ветено во Израел, ним им припаѓа.
30 И првините од сите ваши плодови и од секој ваш род како принос, какви и да биле вашите приноси, им припаѓаат на свештениците; и првините од брашното давајте му го на свештеникот за да има благослов во вашите домови.
31 Свештениците не смеат да јадат никаква мрша и ништо раскинато од ѕвер, па било тоа птица или добиток.“