Ezekiel 43
1 И ме доведе пред вратата, пред онаа врата што е кон исток.
2 А таму, ете, славата на Израеловиот Бог доаѓаше од исток и гласот Негов беше како шум од многу води и земјата светна од славата Негова.
3 Тоа видение беше исто, какво што видов порано, исто такво како што видов, кога одев да ја соопштам погибелта на градот; тие виденија беа слични на виденијата што ги видов кај реката Кевар, и јас паднав ничкум.
4 А славата Господова влезе во храмот низ вратата, свртена кон исток.
5 Тогаш ме подигна духот и ме воведе во внатрешниот двор, а таму славата Господова беше го исполнила целиот храм.
6 И јас чув некој што ми зборуваше од храмот, а оној човек стоеше до мене,
7 и ми рече: „Сине човечки, ова е местото на Мојот престол и местото на стапките од Моите нозе, каде што ќе живеам вечно меѓу Израеловите синови; и домот Израелов нема повеќе да го осквернува Моето свето име, ниту тие, ниту пак царевите нивни, со блуд и со труповите на своите цареви по нивните идолски светилишта.
8 Тие го ставаа прагот свој до Мојот праг и довратниците на вратите свои до довратниците Мои, така што еден ѕид имаше меѓу Мене и нив, и го осквернуваа Моето свето име со гадотиите свои што ги вршеа, па затоа и ги сотрев во гневот Свој.
9 А сега, откако тие ќе го оддалечат од Мене својот блуд и труповите на своите цареви, Јас ќе живеам вечно меѓу нив.
10 Ти, пак, сине човечки, кажи му на домот Израелов за овој храм, нека се засрамат од своите гревови и да му ги измерат мерките.
11 И ако се засрамат од сето она што го вршеле, покажи им го видот на храмот и местото негово, излезите негови и влезовите негови, сите негови украси и сите закони и напиши ги пред очите нивни, па да ги запомнат сите ликови негови и сите уредби негови и да постапуваат според нив.
12 Ете, тоа е законот на храмот: пространството негово на врвот од планината наоколу е Светињата над светињите; тоа е законот на храмот.“
13 И еве ги размерите на жртвеникот, ако се смета во лактови, а лактот овде е лакот и дланка: основата лакот, ширината, пак лакот, а појасот по сите краишта негови една педа; тоа е задната страна на жртвеникот.
14 Од основата, која поаѓа од земјата до долниот појас два лакта, а широк е тој еден лакот; од малиот појас до големиот — четири лакти, а широк еден лакот.
15 Жртвеникот е висок четири лакти; а од жртвеникот се издигаат угоре четири рога.
16 Жртвеникот е долг дванаесет лакти и широк дванаесет лакти; четириаголен е од сите страни.
17 А подножјето негово е четиринаесет лакти долго и четиринаесет лакти широко од сите четири страни, а околу појасот негов половина лакот, додека основата негова — по лакот наоколу, степениците до него се од исток.
18 И ми рече тој — сине човечки, така вели Господ Бог: „Еве ги наредбите за жртвеникот, во оној ден кога ќе биде направен, за да се принесуваат врз него сепаленици и да се поросува врз него со крв.
19 На свештениците од коленото Левиево, од племето на Садок, кои се приближуваат до Мене за да Ми служат, вели Господ Бог, дај им по едно јуне од говедата за жртва за грев.
20 Па земи ја крвта од него и попрскај ги четирите негови рога и четирите агли на подножјето и појасот околу, и така ќе го очистиш и осветиш.
21 Земи јунец како жртва за грев и изгори го на определеното место во Домот, надвор од светилиштето.
22 А на другиот ден принеси жртва за грев од стадото кози, козел без недостаток, и нека го исчистат жртвеникот така, како што го очистуваат со јунецот.
23 Кога, пак, ќе го извршиш очистувањето, доведи од говедата и — јунец без недостаток, и од овчото стадо — овен без недостаток.
24 И принеси ги пред лицето на Господ; свештениците, пак, нека фрлат врз нив сол и нека ги вознесат како сепаленица за Господ.
25 Седум дена принесувај жртва за грев по еден козел дневно. Исто така да принесуваат жртва по јунец од стадото волови и по еден овен од стадото овци, без недостаток.
26 Седум дена тие треба да го очистуваат жртвеникот и да го осветуваат, и да го полнат со рацете свои.
27 Откако ќе се свршат тие дни, во осмиот ден, а и понатаму свештениците ќе ги принесуваат врз жртвеникот вашите сепаленици и благодарствени жртви; и Јас ќе бидам милостив кон вас, вели Господ Бог.“