Ezekiel 36
1 А ти сине човечки, искажи пророштво за планините израелски и кажи: „Планини израелски, чујте го словото Господово.
2 Вака вели Господ Бог: бидејќи непријателот вели за вас: ‚о, о, и вечните светилишта ни паднаа како плен‘;
3 затоа изречи пророштво и кажи: така вели Господ Бог — токму поради тоа, што ве опустошуваат и ве грабаат од сите страни, за да станете сопственост на други народи, и да се изложите на срам и поруга,
4 затоа, планини израелски, чујте го словото од Господ Бог — вака им вели Господ Бог на планините и на ридовите, на долиштата и долините и на запустените урнатини и напуштените градови, кои станаа грабеж и подбив за другите околни народи;
5 затоа така вели Господ Бог: во Својата пламена ревност изреков слово против други народи и против сиот Едом, кои си ја определија земјата Моја за сопственост и си ја присвоија како плен со срдечна радост и со презир во душата,
6 затоа изречи пророштво за земјата израелска и кажи им на планините и ридовите, на долиштата и на долините — вака вели Господ Бог: еве, Јас го реков тоа во ревноста Своја и во јароста Своја, зашто вие носите на себе потсмев од народите.
7 Затоа, така вели Господ Бог: Јас ја кренав раката своја со клетва дека народите што се околу вас, тие самите ќе го понесат својот срам.
8 А вие, планини израелски, проширете се и ќе принесувате плодови на Мојот народ Израел, зашто тие скоро ќе дојдат.
9 Зашто, еве, кон вас се обраќам, и вие ќе бидете обработувани и засејувани.
10 И ќе населам во вас многу луѓе, сиот дом Израелов, и градовите ќе бидат населени и урнатините обновени.
11 Ќе ги намножам кај вас и луѓето и добитокот, и тие ќе се плодат и размножуваат, и ќе ве населам како што беше во поранешните времиња, ќе ви правам добро повеќе отколку во поранешните времиња, та ќе познаете дека Јас сум Господ.
12 Ќе доведам кај вас луѓе, народ Мој Израел, и тие ќе владеат со вас. Ти, земјо, ќе бидеш нивно наследство и кај нив ќе нема веќе бездетни луѓе.
13 Така вели Господ Бог — бидејќи велат за вас: ‚ти си земја што јадеш луѓе и што правиш народот да е без деца‘,
14 затоа, веќе нема да ги јадеш луѓето и во иднина нема да создаваш бездетен народ, вели Господ Бог.
15 И нема веќе да слушаш потсмев од народите и нема веќе да трпиш врз себе хули од племињата, и во иднина нема веќе да ги правиш луѓето да се без деца,“ вели Господ Бог.
16 И дојде слово Господово до мене:
17 „Сине човечки, кога домот Израелов живееше во својата земја, тој ја осквернуваше со поведението свое и со делата свои; патот нивни им беше пред Моето лице како нечистотија на жена, кога се чисти.
18 Јас, го излеав врз нив гневот Свој за крвта, што ја пролеваа во таа земја, и заради тоа што ја осквернуваа со своите идоли.
19 Ги распрснав меѓу народите и тие се расеани по земјите, ги судев според нивните патишта и според нивните гревови.
20 И отидоа тие во народите, каде што го сквернавеа Моето свето име, зашто за нив велат: ‚Тие се народ на Господ и излегоа од Неговата земја.‘
21 Зажалив заради името Мое свето, што домот Израелов го оскверни кај народите, каде што отидоа.
22 Затоа, кажи му на домот Израелов: вака вели Господ Бог: доме Израелов, ќе го направам тоа не заради вас, туку заради името Мое свето што го осквернивте кај народите, каде што отидовте.
23 Ќе го осветам великото име Свое, осквернето кај народите, меѓу кои го осквернивте, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, вели Господ Бог, кога ќе ја покажам светоста Своја во вас пред нив.
24 Ќе ве земам откај народите, ќе ве соберам од сите страни и ќе ве доведам во вашата земја.
25 Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам.
26 Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо.
27 Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои.
28 И ќе живеете во земјата, што им ја дадов на предците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог.
29 Ќе ве ослободам од сите ваши нечистотии, ќе го повикам житото и ќе го умножам и нема да ве оставам да трпите глад.
30 Ќе ги умножам плодовите по дрвјата и полските производи, па во иднина да не трпите срам од народите поради глад.
31 Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи.
32 Тоа ќе го направам, не заради вас, вели Господ Бог, туку да ви биде јасно — црвенејте и срамувајте се од вашите патишта, доме Израелов.“
33 Така вели Господ Бог: „Во оној ден, кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, и ќе ве населам во градовите и ќе бидат обновени урнатините;
34 и опустошената земја што беше пустина во очите на секој минувач, ќе биде обработена,
35 тогаш ќе речат: ‚оваа запустена земја стана како Едемската градина и запустените и разорени градови се зацврстија и населија.‘
36 Па ќе познаат народите што ќе останат околу вас дека Јас, Господ, одново изградувам разрушено, засадувам запустено. Јас Господ го реков тоа и го извршив.“
37 Така вели Господ Бог: „Еве, уште и во ова ќе ја покажам милоста Своја кон домот Израелов, ќе го намножам со луѓе како стадо.
38 Како што има многу жртвени овци во Ерусалим за време на празниците, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови и ќе познаат дека Јас сум Господ.“