Ezekiel 342006

1И дојде слово Господово до мене:

2„Сине човечки, изречи пророштво против пастирите израелски, изречи пророштво и кажи им на пастирите — вака вели Господ Бог: тешко на пас­тирите израелски, кои се пасеа сами себе! Зар пастирите не треба да го пасат стадото свое?

3Вие го јадевте маслото и се облекувавте во волна, колевте угоени овци, а стадото не го пасевте.

4Слаби не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувавте, ис­терани не враќавте и загубени не ба­равте, а управувавте со нив преку на­силие и жестокост.

5Тие се распрснаа без пастир, и откако се растурија, станаа плен на сите полски ѕверови.

6Скитаат овците Мои по сите планини и по секој висок рид и распрснати се по целата земја овците Мои, и никој не прашува за нив, и никој не ги бара.

7Затоа, о, пастири, чујте го словото Господово:

8Жив сум Јас, вели Господ Бог: заради тоа што овците Мои беа оставени да бидат разграбени, па, немајќи пастир, станаа плен на сите полски ѕверови, и заради тоа што пастирите не ги бараа Моите овци, бидејќи тие се пасеа сами себе, а Моето стадо не го пасеа,

9затоа, пастири, чујте го словото Господово:

10вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против пастирите и ќе ги барам овците Свои од рацете нивни, и нема да им дадам повеќе да ги пасат овците, и пас­тирите нема повеќе да се пасат самите себе, и ќе ги одземам Моите овци од нивните челусти, и тие веќе нема да бидат нивна храна.

11Зашто, така вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ги побарам овците Мои и ќе ги најдам.

12Како што пастирот го проверува стадото свое, во оној ден кога ќе се нај­де меѓу своето распрснато стадо, така ќе ги најдам Јас овците Мои и ќе ги ослободам од сите места, каде што биле распрснати во ден облачен и мрачен.

13Ќе ги изведам од народите и ќе ги соберам од земјите, ќе ги доведам во земјата нивна и ќе ги пасам по планините израелски, покрај потоци и по сите места, каде што се живее во таа земја.

14Ќе ги пасам на добро пасиште и ќе имаат свое трло на високите израелски планини; таму во трлото ќе се одмораат добро и ќе пасат на сочно пасиште, по планините израелски.

15Моите овци, Јас ќе ги пасам и ќе ги одморам, вели Господ Бог.

16Изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам, здебелена и бујна ќе исчис­там; ќе ги пасам со правда.

17Вас, пак, овци Мои, така вели Гос­под Бог, Јас ќе ве судам меѓу овца и ов­ца, меѓу овен и козел.

18Зар малку ви е тоа што пасете на добро пасиште, а другиот дел од пасиш­тето го газите со своите нозе, и пиете чиста вода, додека остатокот ја матите со нозете свои?

19Па овците Мои треба да го јадат она, што сте го изгазиле вие со нозете свои, и да го пијат она, што сте го изма­тиле со нозете свои?

20Затоа, вака вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ве судам меѓу овца згоена и овца слаба.

21Бидејќи со слабините и плеќите се туркате, а со роговите ги бодете сите слаби додека не ги истерате надвор.

22Но Јас ќе ги спасам овците Мои и тие нема веќе да бидат разграбувани, и ќе пресудам меѓу овца и овца.

23И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давид; тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир.

24И Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, а Мојот слуга Давид ќе биде нивни кнез. Јас, Господ, го реков ова.

25И ќе склучам со нив завет за мир и ќе ги отстранам од тој дел на земјата сите лути ѕверови, така што тие ќе живеат мирно во степата и ќе спијат во горите.

26Ќе ги благословам нив и сѐ што е околу ридот Мој и ќе им праќам на­време дожд; тоа ќе бидат дождови бла­гословени.

27И дрвјата во полето ќе го даваат својот плод и земјата ќе ги дава своите производи; и тие ќе бидат во безопасност на земјата своја и ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скинам врс­ките на јаремот и ги ослободам од рацете на нивните непријатели.

28Тие нема веќе да бидат плен за на­родите и полските ѕверови нема да ги јадат; тие ќе живеат спокојно и никој нема да ги заплашува.

29И ќе им приготвам бујна градина, тие нема веќе да умираат од глад на земјата и нема да трпат срам од народите.

30И ќе познаат дека Јас, нивниот Господ Бог, сум со нив и дека тие, до­мот Израелов, се Мој народ, вели Гос­под Бог,

31и дека сте вие Мои овци, овци на Моето стадо; вие сте луѓе, а Јас сум ва­шиот Бог,“ вели Господ Бог.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Ezekiel 34.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.