Ezekiel 32
1 Во дванаесеттата година, дванаесеттиот месец, во првиот ден од месецот, дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, извикај и заплачи за фараонот, царот египетски, и кажи му: ти си како млад лав меѓу народите и како крокодил во реката, се фрлаш во реките свои и ги матиш водите со нозете свои и ги газиш потоците нивни.
3 Така вели Господ Бог: Јас ќе ја фрлам врз тебе Мојата мрежа во собранието на многу народи, и тие ќе те извлечат со Мојата мрежа.
4 И ќе те исфрлам на земја, на откриено место ќе те фрлам, и ќе слетуваат на тебе секакви небески птици, и ќе се наситуваат од тебе ѕверовите на целата земја.
5 И ќе ги расфрлам месата твои по планините и долините ќе ги наполнам со твоите трупови.
6 И земјата, по која одиш, ќе ја напојам со твојата крв дури до планините; и потоците ќе бидат исполнети со тебе.
7 А кога ќе угаснеш, ќе го покријам небото и ѕвездите на него ќе ги потемнам, сонцето со облак ќе го покријам и месечината нема да свети со светлината своја.
8 Сите светила што светат на небото ќе ги затемнам над тебе и врз твојата земја ќе пратам мрак, вели Господ Бог.
9 Ќе го доведам во смут срцето на многу народи, кога ќе разгласам за твоето паѓање меѓу народите по земјите, кои ти не ги познаваше.
10 И преку тебе ќе ги доведам во ужас многуте народи и царевите нивни ќе се згрозуваат од страв за тебе, кога ќе го размавтам мечот свој пред лицето нивно и секој миг ќе трепери секој за душата своја во денот на твоето паѓање.
11 Зашто, така вели Господ Бог: мечот на вавилонскиот цар ќе падне врз тебе.
12 Од мечот на силните ќе падне твојот народ; сите тие се најлути меѓу народите; ќе ја уништат гордоста на Египет — и сиот негов народ ќе загине.
13 И ќе го истребам сиот негов добиток кај големите води и во иднина нема да ги мати човечка нога, ниту, пак, ќе ги разматува копитото од добиток.
14 Тогаш ќе ги смирам водите нивни и реките нивни ќе ги направам да течат како масло, вели Господ Бог.
15 Кога ќе ја направам египетската земја пустина, кога земјата ќе се лиши од сѐ, што ја исполнува, кога ќе ги удрам сите што живеат на неа, тогаш ќе познаат дека Јас сум Господ.
16 Еве ја тажната песна што ќе ја пеат; ќерките на народите ќе ја пеат; за Египет и за сиот негов многуброен народ ќе ја пеат,“ вели Господ Бог.
17 Во дванаесеттата година на петнаесеттиот ден од истиот месец дојде слово Господово до мене:
18 „Сине човечки: плачи за египетскиот народ и турни го него и ќерките на познатите народи во бездната, заедно со оние што слегуваат во гроб.
19 Кажи им: ‚Зарем вие заслужувате поголема милост? Слези и лежи со необрезаните.‘
20 Тие ќе паднат меѓу убиените со меч, и тој е предаден на меч; влечете го него и сето негово множество.
21 Во бездната ќе зборуваат за него и за сојузниците негови, најдобрите јунаци; тие паднаа и лежат веќе така меѓу необрезаните, убиени со меч.
22 Таму е Ашур и сиот негов народ, околу него се гробовите нивни; сите тие се поразени, паднати од меч.
23 Неговата гробница ја поставија во длабочината на бездната и народот негов е околу гробницата; сите се поразени, паднати од меч, сите што задаваа страв во земјата на живите.
24 Таму е Елам со сето множество околу гробницата негова; сите тие се поразени и паднати од меч; тие необрезани слегоа во бездната, оние кои распространуваа ужас по земјата на живите, си го носат срамот свој заедно со слегнатите во гроб.
25 Меѓу поразените му дадоа легло, со сето негово множество; околу него се гробовите нивни; сите необрезани се поразени со меч, бидејќи задаваа страв во земјата на живите; тие и го носат врз себе срамот подеднакво со оние што се спуштиле во гроб и се положени меѓу поразените.
26 Таму се Мешех и Тувал со сето свое множество; околу него се гробовите негови; сите необрезани, поразени се со меч, затоа што предизвикуваа ужас во земјата на живите.
27 Тие не треба да лежат со паднатите необрезани јунаци, кои со убојното оружје се спуштија во бездната и ги ставија своите мечеви под главите свои; нивниот грев остана врз коските нивни, бидејќи тие како силни беа ужас во земјата на живите.
28 И ти ќе бидеш убиен меѓу необрезаните и ќе лежиш со поразените од меч.
29 Таму е Едом, царевите негови и сите негови кнезови, кои и при сета своја храброст се положени меѓу поразените со меч, тие лежат со необрезаните и слегнатите во гроб.
30 Таму се управителите на Север, тие сите и сите Сидонци, кои се спуштија долу со поразените, а кои беа посрамени во својата моќ што предизвикуваше ужас, па лежат и тие се необрезани, со поразените од меч, и го носат срамот свој заедно со слегнатите во гроб.
31 Ќе ги види фараонот и ќе се утеши за сето множество свое, поразен со меч, фараонот и сета негова војска, вели Господ Бог.
32 Зашто Јас зададов страв во земјата на живите и фараонот со сето свое множество ќе биде положен меѓу необрезаните, заедно со поразените од меч“, вели Господ Бог.