Ezekiel 31
1 Во единаесеттата година, третиот месец, на првиот ден од месецот, дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, кажи му на фараонот, египетскиот цар, и на народот негов — со кого се споредуваш ти во твоето величие?
3 Ете, Ашур беше кедар леванонски со убави гранки, искитен и висок; врвот негов — меѓу густи облаци.
4 Водите го хранеа да расте, бездната го издигаше, реките нејзини го опкружуваа неговиот корен и ги ширеа потоците свои кон сите полски дрвја.
5 Затоа височината негова ги надминуваше висините на сите полски дрвја; на него имаше многу гранки; ветките му се умножуваа и гранките стануваа долги од многу вода кога растеше.
6 Во неговите гранки секакви небески птици си правеа гнезда, а под гранчињата негови се раѓаа мали од секаков вид полски ѕверови, додека под сенката негова живееја многубројни народи.
7 Тој се разубавуваше со својот висок раст, со долгите гранки, затоа што коренот му се наоѓаше покрај големи води.
8 Ни кедрите во Божјата градина не му беа рамни; кипарисите не се изедначуваа со неговите гранки, и јаворите не беа толку високи колку неговите врвови; ниедно дрво во Божјата градина не можеше да се споредува со него по убавината своја.
9 Јас го украсив со многуте гранки, така што сите едемски дрвја во Божјата градина му завидуваа.“
10 Затоа, така вели Господ Бог: „Бидејќи израсна висок и се издигна врвот негов меѓу дебелите гранки, и срцето му се возгордеа од неговата големина,
11 затоа јас го предадов во рацете на најмоќниот меѓу народите; тој постапи со него како што требаше да постапи; но поради неговото беззаконие Јас го отфрлив.
12 И го исекоа туѓинците, најлути меѓу народите, па го соборија; гранките негови паѓаа по горите и по сите долини, се кршеа неговите гранчиња по сите полиња, а од неговата сенка избегаа сите народи од земјата и го оставија.
13 На неговото паднато стебло се сместија многу небески птици, а меѓу гранките — секакви полски животни.
14 Тоа сѐ стана, за да не се гордеат со својот висок раст никакви дрвја покрај водите, да не ги издигаат врвовите свои до густите облаци и да не се допираат до него со нивната височина дрвја што пијат многу вода; зашто сите тие ќе бидат предадени на смрт, во подземниот свет заедно со синовите човечки, што порано слегнале во гроб.“
15 Вака вели Господ Бог: „Во оној ден, кога тој слезе во гроб, Јас направив да жалат за него, ја затворив бездната поради него и ги запрев реките нејзини, ги задржав големите води и го нажалив за него Ливан, и сите полски дрвја тагуваа по него.
16 Се затресоа од неговото паѓање. Јас ги доведов народите во трепет, кога го кутнаа во пеколот, при оние што порано слегнале во гроб, и се зарадуваа во адот сите дрвја едемски, одбраните и најдобрите на Ливан, сите што пијат вода;
17 зашто и тие слегоа со него во бездната при убиените со меч, како и неговите сојузници што живееја под сенката негова меѓу народите.
18 Па така со кое ли од едемските дрвја се споредуваш ти по слава и величина? Но, сега заедно со едемските дрвја и ти ќе бидеш соборен во бездната, ќе лежиш со необрезаните, меѓу убиени од меч. Тоа е фараонот и сиот негов многуброен народ“, вели Господ Бог.