Ezekiel 29
1 Во десеттата година, десеттиот месец, во дванаесеттиот ден од месецот, дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, сврти го лицето свое кон фараонот, египетскиот цар, и изречи пророштво против него и против целиот Египет.
3 Говори и кажи им — вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе фараоне, царе египетски, голем змеју, кој лежиш по реките свои и велиш: ‚моја е реката и јас ја создадов за себе.‘
4 Но Јас ќе ставам јадица во твоите челусти и на твоите лушпи; и ќе те извлечам од реките твои со сета риба на твоите реки, што се залепила на твоите лушпи;
5 ќе те фрлам во пустината, тебе и сета риба од твоите реки; ти ќе паднеш на откриено поле; нема да те земат и погребат; ќе допуштам да те изедат ѕверовите земни и птиците небески.
6 И ќе познаат сите жители на Египет дека Јас сум Господ, зашто тие беа на домот Израелов потпорна трска.
7 И кога се фатија со раката своја за тебе, ти се раскина и рамињата им ги откина; и кога се потпреа на тебе, ти се скрши и им ги изнарани сите нивни бедра.“
8 Затоа, вака вели Господ Бог: „Еве, Јас ќе испратам против тебе меч и ќе ги истребам кај тебе луѓето и добитокот.
9 Египетската земја ќе стане пустина и степа; па ќе познаат дека Јас сум Господ. Бидејќи тој вели — моја е реката и јас ја создадов,
10 затоа, еве, Јас сум против твоите реки и египетската земја ќе ја направам пустина над пустините од Мигдол до Сиена, до пределот на Етиопија.
11 Нема да оди по неа човечка нога и нога на добиток нема да стапне на неа, и нема да се живее на неа четириесет години.
12 И ќе ја направам земјата египетска пустина меѓу запустени земји; и градовите нејзини меѓу запустени градови, ќе бидат пусти четириесет години и ќе ги растурам Египќаните меѓу народите и ќе ги распрснам по земјата.
13 Зашто вака вели Господ Бог: откако ќе изминат четириесет години, Јас ќе ги соберам Египќаните откај народите, каде што ќе бидат растурени.
14 И ќе ги вратам египетските заробеници и ќе ги доведам назад во земјата Патрос, во земјата на нивното потекло и тие таму ќе претставуваат слабо царство.
15 Тоа ќе биде послабо од другите царства и нема веќе да се гордее над народите; ќе ги смалам за да не владеат над народите.
16 И во иднина, тие нема да бидат потпора на домот Израелов, за да го спомнуваат нивното беззаконие, кога се обраќаа кон него; и ќе познаат дека Јас сум Господ Бог.“
17 Во дваесет и седмата година, првиот месец, во првиот ден од месецот, дојде слово Господово до мене:
18 „Сине човечки, Навуходоносор, царот вавилонски, ја истошти војската своја со големи работи кај градот Тир: секоја глава оќелаве и секое рамо беше изнарането; но ни за него, ни за војската немаше награда од Тир за трудот што тој го употреби против него.“
19 Затоа, така вели Господ Бог: „Еве, Јас му ја давам на вавилонскиот цар Навуходоносор земјата египетска, за да го собере богатството нејзино, да изврши грабеж во неа и да однесе сѐ што грабела таа, и тоа ќе биде награда за неговата војска.
20 Како награда за работата, која тој ја изврши во него, Јас му ја предавам земјата египетска, зашто тој го вршеше тоа заради Мене, вели Господ Бог.
21 Во тој ден ќе го вратам рогот на домот Израелов и тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив, па ќе познаат дека Јас сум Господ.“