Ezekiel 28
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, кажи му на началникот на Тир — вака вели Господ Бог: затоа што го издигна срцето свое и велиш: ‚Јас сум бог, седам на божји престол, во срцето на морињата‘, иако си човек, а не бог, го изедначуваш твојот ум со умот на Бога,
3 ете, како да си помудар од Даниел; и нема тајна, сокриена од тебе;
4 со мудроста своја и со разумот свој ти се здоби со богатство и во своите ризници собра злато и сребро;
5 со големата мудрост своја преку трговијата своја ти го зголеми богатството свое,
6 затоа, вака вели Господ Бог: — Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога,
7 еве, Јас ќе доведам против тебе туѓинци, највешти меѓу народите, и тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го помрачат твојот блесок;
8 тие ќе те турнат во гроб и ќе умреш во срцето на морињата, со насилна смрт.
9 Ќе речеш ли тогаш пред твојот убиец: ‚јас сум бог‘, кога во раката на оној што ќе те убива, ти ќе бидеш човек, а не бог?
10 Ти ќе умреш од раката на туѓинци со смрт како необрезан; зашто Јас го реков тоа“, така вели Господ.
11 И дојде слово Господово до мене:
12 „Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му: — вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината.
13 Ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, берил, оникс, јаспис, сафир, тиркиз, смарагд и злато, сите вешто исткаени и нанижани на тебе, приготвени во денот кога беше создаден.
14 Ти беше помазан херувим — заштитник, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења.
15 Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сѐ додека не се најде во тебе беззаконие.
16 Од твојата обилна трговија се исполни со неправда и ти згреши; и Јас те соборив како нечист од Божјата гора, те истерав тебе, херувиме — заштитник, среде огнени камења.
17 Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас те соборив на земја, те предадов на потсмев пред царевите.
18 Со многуте гревови свои во неправедната твоја трговија ти ги оскверни твоите светилишта; и Јас пуштив оган пред тебе, да те проголта; и Јас те претворив во пепел на земјата пред очите на сите, што те гледаат.
19 Сите, што те знаеја меѓу народите, се згрозуваа над тебе, ти стана за ужас и исчезна засекогаш.“
20 И дојде слово Господово до мене:
21 „Сине човечки, сврти го лицето свое кон Сидон, и пророкувај против него:
22 Ете Јас сум против тебе, Сидоне, и ќе се прославам во тебе и ќе познаат дека сум Јас Господ, кога ќе извршам суд над него и ја покажам во него Мојата светост.
23 И ќе пратам во него помор и крв на улиците негови и ќе паднат среде него убиени од меч, кој ќе ги нападне сите одреда и ќе познаат дека Јас сум Господ.
24 И во иднина тој нема да биде бодлив трн за домот Израелов и причинител на болка трнлива, повеќе од сите соседи што му сакаат зло и ќе познаат дека Јас сум Господ Бог.“
25 Така вели Господ Бог: „Кога ќе го соберам домот Израелов меѓу народите, кај кои се распрснал и ќе ја објавам кај нив светоста Своја пред очите на племињата и тие ќе заживеат во земјата своја, која му ја дадов на Мојот слуга Јаков,
26 тогаш ќе живеат во неа во мир и ќе си изградат куќи, ќе насадат лозја и ќе живеат во мир, зашто ќе извршам суд над сите наоколу што ги презираа. И тогаш ќе разберат дека Јас сум Господ, Бог нивни.“