Ezekiel 272006

1И дојде слово Господово до мене:

2„А ти, сине човечки, викни, па за­плачи по Тир.

3И кажи му на Тир, кој се населил при влезот на морето, и тргува со народите од многу острови — вака вели Гос­под Бог: Тире, ти велиш: ‚јас сум сов­ршена убавина.‘“

4Твоите предели се во срцето на мо­рињата; твоите градители совршено ја изградиле твојата складност;

5од сенирски кипариси ги направија сите твои подови; зедоа од Ливан кедри, за да ти направат јарболи;

6од башански дабови правеа весла; столовите ги правеа до буково дрво, ишарано со слонова коска од китимските острови,

7од шарени египетски ткаенини ти беа бродските платна што ти служеа како знаме; сини и пурпурни ткаенини се земаа од елишките острови за покривала.

8Жителите сидонски и арвадски ти беа веслачи; Тире, ти имаше вешти луѓе; тие ти беа кормилари.

9Старешините од Гевла и неговите вешти луѓе ти служеа за разни поправки; ти имаше секакви морски бродови и кораби со платна, кои ти служеа за тргување.

10Војници од Персија, од Луд и од Пут се наоѓаа во твојата војска; закачуваа по тебе штитови и шлемови; тие ти придаваа величие.

11Синовите Арвадски со твојата сопствена војска стоеја наоколу по твоите ѕидови; и Гамадимците стоеја на кулите твои; тие беа ги закачиле своите шти­тови по твоите ѕидови наоколу; и тие ти ја претставуваа твојата убавина.

12Тарсис тргуваше со тебе, располагајќи со различно богатство, за стоките твои плаќаше сребро, железо, олово и калај.

13Јаван, Тувал и Мешех тргуваа со тебе, разменувајќи ги стоките за луѓе и бакарни садови.

14Од Бет-Тогарма ти донесуваа за стоките твои коњи, коњаници и маски.

15Синовите на Дедан тргуваа со тебе; многу острови вршеа со тебе размена, ти плаќаа со слонова коска и абанос.

16Поради големото твое трговско богатство, тргуваа со тебе и Арамеј­ците; за стоките твои ти плаќаа со сма­рагд, пурпурно шарени ткаенини и висон, со корали и рубини.

17Јудеја и земјата израелска тргуваа исто така со тебе; за твојата стока ти плаќаа со пченица, мириси и мед, масло и балсам.

18Дамаск поради богатството во стоки, поради изобилието на секакви работи, ти донесуваше хелбонско вино и волна од Цахар.

19Дан и Јаван од Узал ти плаќаа за твоите стоки со изработки од железо, касија и цимет, за размена.

20Со тебе тргуваше и Дедан со ска­поцени волнени покривки за седла.

21Арабија и сите кедарски кнезови вршеа размена со тебе: на јагниња, овни и кози.

22Трговците од Сева и Рама тргуваа со тебе со секакви најблагопријатни ми­риси и со секакви скапоцени камења, и злато ти плаќаа за твоите стоки.

23Харан, Кане и Еден, трговците од Сева, Асирија и Килмад исто така тргуваа со тебе.

24Тие ти продаваа скапоцени облеки од свилени и шарени материи што ги носеа на пазарите твои во скапи сандаци, направени од кедар и добро вр­зани.

25Бродовите од Тарсис беа твои каравани во трговијата, и ти стана богат и многу славен меѓу морињата.

26Весларите твои те одведоа во го­лемите води; источниот ветар те разби среде морињата.

27Твоето богатство и твоите стоки, сите твои ризници, твоите бродари и твоите кормилари, кои ги поправаа твоите кораби, и ја пренесуваа твојата трговија, сите твои војници, какви што ги имаше и сето множество народ твој, при твоето паѓање ќе потонат на дното од морето.

28Од пискотот на твоите кормилари ќе затреперат и околните места.

29И ете од корабите ќе излезат сите веслари, бродари, сите кормилари мор­ски и ќе излезат на земјата.

30Со висок глас ќе заплачат за тебе и тешко ќе заофкаат, ставајќи си пепел на главите свои и валкајќи се во прав.

31Ќе ја истрижат за тебе косата своја до черепот, а ќе опашаат вреќишта и со горчлив плач ќе заплачат за тебе од душевна мака.

32И во тагата своја ќе запеат за тебе жална песна, и така тие ќе заплачат за тебе: „Кој е како Тир, така разрушен среде морињата!“

33Кога доаѓаа од морињата твоите стоки, ти задоволуваше многу народи; со големото богатство и со трговијата ти ги богатеше царевите на земјата.

34А кога беше ти разбиен од морињата во водената бездна, твоите стоки и сиот твој народ потона.

35Сите жители на островите се запрепастија за тебе и царевите нивни почнаа да треперат, лицата им се изме­нија.

36Трговците на другите народи си потсвиркуваа за тебе; ти стана како страшило и исчезна засекогаш.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Ezekiel 27.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.