Ezekiel 23
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, имаше две жени, ќерки на една мајка.
3 И блудствуваа тие во Египет, блудствуваа додека беа млади; таму ги фаќаа градите нивни, и таму ги изгмечија нивните девствени гради.
4 Имињата нивни беа: големата се викаше — Охола, а сестра ѝ — Охолива. И тие беа Мои и раѓаа синови и ќерки; Охола е всушност Самарија, а Охолива — Ерусалим.
5 И Почна Охола да ме изневерува и се приближи кон љубовниците свои, кон Асирците, кон соседите свои,
6 кон оние што се облекуваа со облеки од порфир, кон обласните началници и градските управители, кон сите убави момчиња, коњаници, што јаваат на коњ.
7 И живееше бесрамно со сите тие избрани синови на Ашур и се осквернуваше себеси со сите идоли на секој од нив, кон кого се прилепуваше;
8 не престануваше да блудствува и со Египќани, бидејќи тие спиеја со неа во младоста нејзина и ги стискаа градите нејзини и ја изливаа врз неа својата похот.
9 Затоа и Јас ја предадов во рацете на милениците, во рацете на Ашуровите синови, кон кои таа се придружи.
10 Тие ја открија голотијата нејзина, ги зедоа синовите и ќерките нејзини, а неа ја убија со меч. И таа стана за потсмев меѓу жените, кога ја извршуваа пресудата врз неа.
11 Сестра ѝ Охолива го виде тоа и стана уште поразвратна во љубовта своја, и блудството нејзино го надмина блудството на сестра ѝ.
12 Таа се прилепи до Ашуровите синови, до обласните началници и градските управители, соседи нејзини, богато облечени, коњаници што јаваа на коњи, кон сите одбрани момци.
13 Јас видов дека таа се оскверни и дека обете одат по ист пат.
14 Но таа уште повеќе ги умножи блудствата свои, зашто, кога виде насликани мажи на ѕидот, обоени ликови на Халдејци,
15 кои беа со појас опашани до крстот и со богати преврски на главата и кои изгледаа како воени началници, што прилегаат на вавилонските синови, чија татковина е земјата халдејска;
16 таа се вљуби во нив на прв поглед со очите свои и испрати кај нив пратеници во Халдеја.
17 И вавилонските синови дојдоа кај неа во љубовното легло и ја осквернија со своето блудство, а преку нив и таа се оскверни и душата нејзина се одврати од нив.
18 Кога, пак, се оддаде јавно на своето блудство и ја откри голотијата своја, тогаш се одврати од неа и Мојата душа, како што се одврати душата Моја од сестрата нејзина.
19 И таа ги зголемуваше своите блудства, спомнувајќи ги деновите на младоста своја, кога блудствуваше во египетската земја.
20 И се прилепи кон своите миленици, чие тело е како тело на магаре, и похотта како на коњи.
21 Така ти се присети на бесрамноста во твојата младост, кога Египќаните ги пипкаа твоите гради, и ги стискаа твоите млади дојки.
22 Поради тоа, Охолива, вака вели Господ Бог: Еве Јас ќе ги подигнам против тебе твоите миленици, од кои се одврати душата твоја, и ќе ги доведам против тебе од сите страни;
23 синовите на Вавилон, и сите Халдејци, од Пекод, од Шоа и Коа, и со нив сите Ашурови синови, убави момци, обласни началници и градски управители, големците и познатите, сите вешти јавачи;
24 и ќе дојдат против тебе од север и многу бојни коли со многу народ, ќе те опседнат од сите страни, со штитови, со шлемови и оклопи. Ним ќе те предадам на суд и тие ќе ти судат со својот суд.
25 И ќе ја свртам Мојата ревност против тебе и со тебе ќе постапат гневно: ќе ти го отсечат носот и ушите, а она што ќе остане, ќе падне од меч; ќе земат од синовите твои и од ќерките твои, а она, што ќе остане од оган ќе загине;
26 ќе ти ги соблечат облеките твои и ќе ти ги земат накитите твои.
27 Така ќе ставам крај на твојата расипаност и на твоето блудствување, што го вршеше во египетската земја, и нема да ги свртуваш кон нив очите свои, и за Египет нема повеќе да си спомнуваш.
28 Зашто, така вели Господ Бог: Еве, Јас те предавам во рацете на оние, кои ти ги замрази, во рацете на оние, од кои се одврати душата твоја.
29 И ќе постапат со тебе жестоко; ќе ти земат сѐ што е со труд заработено, ќе те остават гола и непокриена, и откриена ќе биде твојата срамна голотија, твојот блуд и бесчестие.
30 Тоа ќе стане со тебе поради твоето блудствување со народите, со чии идоли ти се оскверни.
31 Ти одеше по патот на сестрата своја; затоа и ќе ти ја дадам в рака чашата нејзина.
32 Така вели Господ Бог: Ти ќе пиеш од длабоката и широка чаша на сестрата своја и ќе се изложиш на потсмев поради нејзината големина.
33 Со пијанство и тага ќе бидеш исполнета: од чашата на ужасот и запустувањето, од чашата на сестра ти Самарија.
34 И ќе ја испиеш и ќе ја пресушиш, парчињата нејзини ќе ги оближеш и градите свои ќе ги разраниш, зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог.
35 Затоа, вака вели Господ Бог: Бидејќи ти Ме заборави и се откажа од Мене, па трпи сега заради својот грев и поради своето блудствување.“
36 И ми рече Господ: „Сине човечки, сакаш ли да им судиш на Охола и на Охолива? Кажи им ги нивните гнасотии;
37 зашто тие прељубодејствуваа и крв има на рацете нивни, и со идолите свои прељубодејствуваа, а синовите свои, што Ми ги родија, преку оган ги пренесоа како храна за нив.
38 Ете, што Ми направија: го осквернуваа светилиштето Мое во ист ден и ги нарушуваа саботите Мои.
39 Зашто кога ги колеа децата свои за своите идоли, во истиот ден доаѓаа во светилиштето Мое, за да го осквернат; ете, како постапуваа тие во Мојот дом.
40 Освен тоа, праќаа и по луѓе, што доаѓаа оддалеку; праќаа кај нив пратеници и, ете, тие доаѓаа, и ти за нив се капеше, ги дотеруваше очите свои и со накити се китеше.
41 Седеше на убаво легло, пред кое имаше маса и на неа ги ставаше Моите благопријатни кадива и Моето масло.
42 Се слушаше гласот на народот, кој ликуваше, и кај луѓето од народот доведуваа пијаници од пустината; и на рацете нивни ставаа гривни и на главите нивни — украсени венци.
43 Тогаш реков за остарената во прељубодејство: Сега ќе се свршат блудствувањата нејзини заедно со неа.
44 Но доаѓаа кај неа: доаѓаа како што се доаѓа кај жена блудница, така доаѓаа кај Охола и кај Охолива, кај тие развратни жени.
45 Но мажи праведни ќе ги судат со суд за прељубодејки и со суд за крвопроливачки, зашто тие се прељубодејки и по нивните раце има крв.
46 Така вели Господ Бог: да се свика против нив собрание и да ги предадат на мака и грабеж.
47 И собранието ќе ги убие со камења и ќе ги испосече со мечевите свои, ќе ги убие синовите нивни и ќерките нивни и со оган ќе ги изгори куќите нивни.
48 Така ќе го ставам крајот на расипаноста на таа земја и сите жени ќе го имаат тоа како пример, па нема да вршат срамни работи како вас.
49 И ќе го свртат вашето бесчестие против вас, па ќе претрпите казна за гревовите и за вашето идолопоклонство, и ќе познаете дека Јас сум Господ Бог.“