Bible

Connect

With Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Ezekiel 22

:
Macedonian - 2006
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „А ти, сине човечки, сакаш ли да судиш, да го судиш крвавиот град? Искажи му ги сите негови гадотии.
3 И кажи вака вели Господ Бог: О, граде, кој проливаш крв среде себе, за да дојде времето твое, и кој си правиш идоли, за да се осквернуваш,
4 со крвта, што си ја пролеал, се об­винуваш, и со идолите, што си ги напра­вил, се осквернуваш себеси, се приближија деновите твои и достигна времето твое. Затоа ќе те предадам за пот­смев на народите, за поруга на сите земји.
5 Твоите блиски и твоите далечни ќе ти се смеат, зашто го оскверни името свое и се прочу со беззаконијата свои.
6 Ете, началниците израелски, секој според силите свои, што беа кај тебе, решија крв да пролеваат.
7 Во тебе татко и мајка хулат, придојден навредуваат среде тебе, и сирак и вдовица измачуваат во тебе,
8 светињите Мои не ги почитуваш и саботите Мои ги нарушуваш.
9 Во тебе има клеветници, крв што пролеваат и по планините јадат идолски жртви, среде тебе вршат гадотии.
10 Кај тебе ја откриваат голотијата на татко си, силуваат жени во времето, ко­га тие се чистат од нечистотиите свои.
11 Еден врши осквернување со жената на блискиот свој, друг ја осквернува снаата своја, трет ја напаѓа сестрата своја, ќерката на таткото свој.
12 Кај тебе се зема поткуп за да се пролива крв; ти земаш лихва и дарови и со сила изнудуваш добра од ближниот свој, а Мене Ме заборави, вели Господ Бог.
13 И ете, Јас плеснав со рацете за твоето користољубие, што се разоткрива кај тебе, и за крвнината, која се извршува кај тебе.
14 Ќе устои ли твоето срце, ќе бидат ли цврсти рацете твои во деновите, кога ќе дејствувам против тебе? Јас, Господ, велам и ќе извршам.
15 Ќе те распрснам меѓу народите, ќе те развеам по земјите и ќе ставам крај на твоите гадотии кај тебе.
16 И сам ќе си направиш за да бидеш презрен пред очите на народите, па ќе познаеш дека Јас сум Господ.“
17 И дојде слово Господово до мене:
18 „Сине човечки, домот Израелов стана во мене згура: тие сите се калај, бакар, железо и олово во печка; станаа како згура.
19 Затоа, така вели Господ Бог: ‚Би­дејќи сите вие станавте згура, затоа, еве, Јас ќе ве соберам во Ерусалим.
20 Како што во печка ги ставаат заедно среброто, бакарот, железото, оловото и калајот, за да раздувуваат врз нив оган и да ги растопат, така во гневот Свој и во јароста Своја ќе ве кутнам, ќе ве ставам и ќе ве растопам.
21 Ќе ве соберам и ќе дувнам врз вас оган од Мојот гнев и ќе се растопите во него;
22 како среброто што се топи во печката, така ќе се растопите и вие и ќе познаете дека Јас сум Господ, Кој ја излева јароста Своја врз вас.‘“
23 И дојде слово Господово до мене:
24 Сине човечки, кажи му: „Ти си земја неисчистена, неполивана со дожд во гневен ден.“
25 Пророците нејзини се огласија како лав што рика, кој го раскинува пленот; тие јадат души, одземаат имоти и драгоцености и со тоа го умножуваат бројот на вдовиците.
26 Свештениците нејзини го нарушу­ваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив.
27 Кнезовите нејзини се како волци, кои грабаат плен, проливаат крв, по­губуваат души за да придобијат корист.
28 А пророците нејзини сѐ замач­куваат со кал, гледаат суета и им претскажуваат лага, велејќи: „Така вели Господ Бог“, иако Господ не рекол така.
29 А меѓу народот се угнетуваат еден со друг, грабаат и присилуваат беден и сиромав, и неправедно угнетуваат придојден.
30 Јас барав кај нив човек, кој ќе ги обнови ѕидините, да застане пред Мене во одбрана на оваа земја да не ја сотрам, но не најдов.
31 Па затоа, ќе го излеам врз нив Мојот гнев, со огнот на Мојата јарост ќе ги истребам, нивното лошо однесување ќе го свртам на главите нивни, вели Господ Бог.