Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Ezekiel 20

:
Macedonian - 2006
1 Во седмата година, петтиот месец, десеттиот ден од месецот, дојдоа некои израелски старешини да Го прашаат Господа и седнаа пред мене.
2 И дојде слово Господово до мене:
3 „Сине човечки, зборувај со стареши­ните израелски и кажи им вака вели Господ Бог: сте дошле да Ме прашате? Жив сум Јас нема да ви дадам одговор, вели Господ Бог.
4 Сакаш ли да се судиш со нив, сакаш ли да се судиш, сине човечки? Кажи им ги гадотиите на нивните татковци;
5 и кажи им вака вели Господ Бог: во оној ден кога го избрав Израел и кога ја подигнав раката Своја, се заколнав во племето на домот од Јакова, и им се открив во земјата египетска, и кога ја подигнав раката им реков: ‚Јас сум Гос­под, вашиот Бог‘.
6 Во оној ден, кога ја подигнав раката Своја, Јас им се заколнав дека ќе ги изведам од земјата египетска во земја, која Јас ја избрав за нив, и во која тече мед и млеко, најубава меѓу сите земји.
7 И кажи им: Отфрлете ги сите гадо­тии од вашите очи и не осквернувајте се со египетските идоли Јас сум Господ, вашиот Бог.
8 Но тие се побунија против Мене и не сакаа да Ме слушаат; никој не се откажа од гадотиите на очите свои и не ги остави египетските идоли. А Јас реков: ќе го излијам врз нив гневот Свој, ќе ја исцрпам врз нив јароста Своја среде египетската земја.
9 Но Јас постапив така заради името Мое, па тоа да не се хули пред народите, меѓу кои тие се наоѓаат и пред чии очи Јас им се открив, за да ги изведам од египетската земја.
10 И Јас ги изведов од земјата египетска и ги доведов во пустината,
11 им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои чо­векот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив;
12 им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува.
13 Но домот Израелов се побуни против Мене во пустината: не постапија според Моите заповеди и ги отфрлија Моите наредби, преку кои човекот, ако ги исполнува, би можел да биде жив, и Моите саботи ги нарушија и Јас реков ќе ја излијам врз нив Својата јарост во пустината, за да ги истребам.
14 Но Јас постапив заради Моето име, та да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов.
15 Дури и кога ја подигнав раката против нив во пустината, се заколнав дека нема да ги воведам во земјата, која бев им ја определил во која тече мед и млеко, најубава меѓу сите земји,
16 заради тоа што ги отфрлија Моите наредби, не постапија по Моите заповеди и ги нарушуваа Моите саботи; зашто нивното срце копнееше повеќе кон идолите нивни.
17 Но Моето око се смили и не ги погуби; и Јас не ги истребив во пустината.
18 Им зборував на синовите нивни во пустината: Не одете по правилата на татковците ваши, не пазете ги уредбите нивни и не осквернувајте се со идолите нивни.
19 Јас сум Господ, вашиот Бог: постапувајте според Моите заповеди, пазете ги уредбите Мои и исполнувајте ги.
20 Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.
21 Но и синовите се побунија против Мене не постапуваат по Моите заповеди и уредбите Мои не ги пазат, не го исполнуваат она преку кое човекот, откако ќе го исполнува, ќе биде жив; ги нарушуваат Моите саботи и Јас реков: ќе го излијам врз нив Својот гнев, ќе ја исцрпам над нив Мојата јарост во пустината;
22 но јас ја отклонив раката Своја и заради името Мое постапив инаку, за да не се хули тоа пред народите, пред чии очи ги изведов.
23 Исто така, кога ја подигнав раката Своја во пустината, се заколнав дека ќе ги расфрлам меѓу народите и развеам по земјите,
24 бидејќи тие Моите наредби не ги извршуваа, заповедите Мои ги отфрлија и ги нарушуваа Моите саботи, а очите нивни се свртуваа кон идолите на нивните предци.
25 Им дозволив закони и наредби што не се добри, од кои тие не можеа да бидат живи,
26 им допуштив и да се осквернуваат со своите жртвени приноси, кога по­ч­наа да префрлуваат преку оган секој прв плод од утробата, за да ги разорам, па да знаат дека Јас сум Господ.
27 Затоа зборувај му на домот Из­раелов, сине човечки, и кажи му вака вели Господ Бог: еве со што уште Ме хулеа вашите татковци, кога неверно постапуваа против Мене:
28 Јас ги одведов во земјата, која со клетва им ја ветив дека ќе им ја дадам, откако ја подигнав раката Своја, а тие, штом здогледаа по некој висок рид и некое разгрането дрво, почнаа таму да ги колат своите жртви и да ги ставаат таму своите приноси за мене со навреда и своите благопријатни кадива, извр­шувајќи ги таму и своите преливи.
29 А Јас им реков каква е таа висо­чинка, каде што одите? Затоа таа и до ден денс се вика Бама.
30 Ете затоа, кажи му на домот Изра­елов вака вели Господ Бог: Зар не се осквернувате по примерот на вашите татковци и зар не блудствувате со нивните гадотии?
31 Принесувајќи ги даровите свои и префрлувајќи ги синовите свои преку оган, вие се осквернувате со сите ваши идоли до овој ден па Ме прашувате за совет, доме Израелов? Жив сум Јас, вели Господ Бог, нема да ви одговорам.
32 И она, што ви паѓа на ум, никако нема да се изврши. Вие велите: ‚ќе му служиме на дрвото и на каменот како незнабошците, како племињата од други земји.‘
33 Жив сум Јас, вели Господ Бог; со силна рака и со протегната десница, изливајќи јарост, ќе господарам над вас.
34 И ќе ве изведам Јас откај народите и од земјите, по кои сте распрснати, и ќе ве соберам со силна рака и со протегната мишка, изливајќи јарост.
35 И ќе ве доведам во пустината на народите и таму ќе се судам со вас лице во лице.
36 Како што се судев со предците ваши во пустината на египетската земја, така ќе се судам и со вас, вели Господ Бог.
37 И ќе ве преведам под стап и ќе ве ставам во оковите на заветот.
38 И ќе ги одделам од вас отстапниците и непокорните. Ќе ги изведам од земјата, каде што живеат, но во земјата израелска тие нема да влезат, и ќе познаете дека Јас сум Господ.
39 А вие, доме Израелов, така вели Господ Бог секој од вас оди кај идо­лите свои и им служи, не слушајќи Ме Мене, но не осквернувајте го повеќе светото име Мое, со вашите дарови и со вашите идоли,
40 зашто на Мојата света гора, на високата планина Израелова вели Господ Бог таму ќе Ми служи сиот Израелов дом, целиот, колку што го има на земјата; таму ќе ги примам со благоволение и таму ќе ги побарам при­носите ваши и првините ваши со сите ваши светињи.
41 Ќе ве примам како благопријатно кадиво, кога ќе ве изведам од народите и ќе ве соберам од земјите, по кои сте распрснати и ќе ја покажам Својата светост меѓу вас пред очите на народите.
42 Па ќе познаете дека Јас сум Господ, кога ќе ве воведам во земјата Израелска во земја, за која се заколнав на тат­ковците ваши, откако ја подигнав раката Своја.
43 И ќе се сетите таму за вашите па­тишта и за сите ваши дела, со кои се осквернувавте, па ќе се гадите од са­мите себе, за сите ваши злодела, што сте ги вршеле.
44 И ќе познаете дека Јас сум Господ, кога ќе почнам да постапувам со вас заради името Свое, не според вашите лоши патишта и вашите развратни де­ла, доме Израелов, вели Господ Бог.“