Ezekiel 19
1 „А ти заплачи по кнезовите Израелови.
2 И кажи: — каква лавица е твојата мајка? Се расположила меѓу лавовите, меѓу младите лавови, одгледува свои мали.
3 И отхранила едно од своите млади, па тоа станало млад лав и се научило плен да лови, луѓе да јаде.“
4 И чуја народите за него: бил фатен во неговата јама и во вериги однесен во земјата египетска.
5 И откако почека и виде дека надежта нејзина ѝ пропадна, таа зеде друго свое лавче и го направи млад лав.
6 И тоа, кога стана млад лав, почна да оди меѓу лавовите и се научи плен да лови, и луѓе да јаде,
7 ги осквернуваше вдовиците нивни и градовите нивни ги опустошуваше; па запусте земјата и сите нејзини населби од неговото рикање.
8 Тогаш се подигнаа против него народите од околните области и ја поставија мрежата своја; тој беше фатен во нивната јама.
9 И го ставија во кафез, во вериги, па го одведоа во тврдината, за да не се слуша глас од него по планините израелски.
10 Твојата мајка беше како лоза, посадена покрај вода; плодовита и разгранета беше таа од многу вода.
11 И имаше кај неа прачки здрави за скиптар на владетел и високо се издигна со својот раст и меѓу густите прачки, па се истакнуваше во височината своја, со многуте свои ластари.
12 Но, во гневот таа беше откорната, фрлена на земја и источниот ветар го исуши плодот нејзин; откинати и исушени се нејзините силни прачки, оган ги проголта.
13 А таа сега е пресадена во пустината, во земја сува и жедна.
14 И излезе оган од сплетот на гранките нејзини, ги проголта плодовите нејзини и не останаа на неа здравите прачки за скиптар на владетел. Тоа е жална песна и ќе има плачење.