Ezekiel 18
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „Зошто употребувате во израелската земја поговорка, велејќи: ‚татковците јадеа кисело грозје, а на децата забите им фаќаат оскомина?‘
3 Жив сум Јас, вели Господ Бог: — во иднина нема да ја кажуваат таа поговорка во Израел.
4 Зашто, ете, сите души се Мои; како душата на таткото, така и душата на синот се Мои: која душа греши, таа ќе умре.
5 Ако некој е праведен и одржува закон и правда,
6 по планините не јаде жртвено и кон идолите на домот Израелов не свртува очи, жената на својот ближен не ја осквернува и до жената своја, кога се чисти од својата нечистотија не се приближува;
7 никого не присилува, на должникот му го враќа залогот и грабеж не врши, од својот леб му дава на гладниот и голиот го облекува во облека,
8 под лихва не дава и лихва не зема, ја воздржува раката своја од неправда и извршува праведен суд меѓу човек и човек;
9 постапува според Моите заповеди и искрено пази на Моите наредби — тогаш тој е праведник, тој секако ќе биде жив, вели Господ Бог.
10 Но, ако му се роди син разбојник, кој пролива крв и врши нешто што и да е слично на тоа,
11 кое тој сам никако не го вршел и по планини јаде жртвено, и жената на ближниот ја осквернува,
12 беден и сиромав угнетува, одзема насила, залог не враќа и кон идолите ги врти очите, тој врши гадотија;
13 дава под лихва и зема лихва, — па зар ќе биде тој жив? Не, тој нема да биде жив. Кој ги врши сите тие гадни работи, тој бездруго ќе умре, крвта негова ќе биде врз него.
14 Но, ако некому му се роди син, кој, гледајќи ги сите тие гревови на својот татко, какви што ги вршел, па гледа — и не врши слични работи:
15 по планини жртвено не јаде, кон идолите на домот Израелов не свртува очи, жената на својот ближен не ја осквернува
16 и човек не присилува, залог не зема и насила не одзема, од лебот свој му дава на гладен и гол со облека облекува,
17 врз беден рака не крева, награди и лихва не зема, ги исполнува Моите повелби, тој нема да умре заради гревовите на татко си: тој ќе биде жив.
18 А татко му, бидејќи немилосрдно угнетувал, братот го ограбувал, и вршел лоши работи кај народот свој, ете — тој ќе умре поради своето беззаконие.
19 Вие велите: ‚зошто, пак, синот не ја сноси вината на татко си?‘ Затоа, што синот постапува законски и праведно, пази на сите Мои наредби и ги извршува: тој ќе биде жив.
20 Душата, која згрешила, ќе умре; синот нема да го понесе гревот на татко си, и таткото нема да го понесе гревот на синот свој, правдата на праведниот кај него си останува и беззаконието на грешникот кај него си останува.
21 И грешникот, ако се одврати од сите свои гревови, какви што правел, ако ги пази сите Мои уредби и постапува законски и праведно, ќе биде жив, нема да умре.
22 Сите негови престапи, што ги правел, нема да му се спомнуваат; во правдата своја, што ќе ја врши, тој ќе биде жив.
23 Зар Јас сакам смрт за грешникот? вели Господ Бог. Напротив, Јас сакам — тој да се откаже од патиштата свои и да биде жив.
24 И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно, ако ги врши сите оние гадотии, што ги врши грешникот, ќе биде ли жив? Сите негови добри дела, што ги правел, нема да бидат спомнати: поради беззаконието што го вршел и поради гревовите свои, со кои грешел, тој ќе умре.
25 Но вие велите: ‚не е исправен патот Господов‘. Послушајте, доме Израелов, зар Мојот пат не е исправен? Зар вашите патишта не се неисправни?
26 Ако праведникот отстапува од правдата своја и врши беззаконија и затоа умира, тој умира поради гревот што го направил.
27 И грешникот, ако се откаже од беззаконието свое што го вршел, па одржува закон и правда — ќе ја врати душата своја кон живот.
28 Зашто тој видел и се откажал од сите свои престапи, какви што направил: ќе биде жив, нема да умре.
29 А домот Израелов вели: ‚не е прав патот Господов!‘ Не се ли прави доме Израелов, Моите патишта? Па зар се прави вашите патишта?
30 Затоа Јас ќе ви судам вам, доме Израелов, секого според делата негови, вели Господ Бог; покајте се и оттргнете се од вашите престапи, та вашето нечестие да не ви биде вам сопка.
31 Отфрлете ги од себе сите свои гревови, со кои сте згрешиле, и направете си ново срце и нов дух; и зошто да умирате, доме Израелов?
32 Зашто Јас не сакам никој да умре, вели Господ Бог; но поправете се — и живејте!“