Ezekiel 14
1 И дојдоа кај мене неколкумина израелски старешини, па седнаа пред мене.
2 И дојде слово Господово до мене:
3 „Сине човечки, овие луѓе дозволија своите идоли да си ги стават во срцата свои, се соблазнија со своето бесчестие: можам ли да им одговорам?
4 Затоа зборувај со нив и кажи им — вака вели Господ Бог: Ако некој од домот израелски дозволи во срцето свое да има идоли и така со тоа да го соблазнува своето бесчестие, па дојде кај пророк, — па зар Јас, Господ, можам ли, при толку многу идоли, да му дадам одговор?
5 Домот израелски нека разбере во срцето свое дека сите со своите идоли станаа туѓи за Мене.
6 Затоа кажи му на домот израелски — вака вели Господ Бог: Обратете се и откажете се од вашите идоли и од сите ваши гадотии одвратете го лицето свое.
7 Зашто, ако некој од домот израелски и од придојдените кои живеат во Израел, се откаже од Мене и допушти во срцето свое да има идоли и со тоа пред лицето свое бесчести, па дојде при пророк за да ме праша преку него, — па зар Јас, Господ, треба ли да му дадам одговор од Себе?
8 Јас ќе го свртам лицето Свое против тој човек и ќе го поразам како знак и приказ и ќе го истребам од мојот народ, и ќе познаете дека Јас сум Господ.
9 Ако, пак, пророкот дозволи да се измами и каже збор така како Јас, Господ, да сум го научил тој пророк, тогаш Јас ќе ја протегнам раката Своја против него и ќе го истребам од народот мој, од Израел.
10 И тие обајцата ќе ја понесат вината за беззаконието: каква ќе биде вината на оној што прашува, таква ќе биде вината и на лажниот пророк,
11 та во иднина домот израелски да не се отклонува од Мене и да не се осквернува веќе себеси со секакви свои беззаконија, туку да биде Мој народ и Јас да бидам нивни Бог“, — вели Господ Бог.
12 И дојде слово Господово до мене:
13 „Сине човечки, кога некоја земја ќе згрешеше пред Мене, вероломно отстапувајќи од Мене, и Јас ја протегав врз неа раката Своја, ја уништував во неа лебната потпора, праќав врз неа глад и почнував по неа да ги погубувам луѓето и добитокот,
14 па, ако се најдеа во неа тројца мажи: Ное, Даниел и Јов, тие со својата праведност ќе можеа да ги спасат само своите души, вели Господ Бог.
15 Или, ако пратев врз таа земја лути ѕверови што би ја опустошиле, и таа поради ѕверовите стане пуста и непроодна,
16 тоа тројцата тие мажи во неа да се — жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а само тие би се спасиле, земјата пак би останала пуста.
17 Или, ако пратев врз таа земја меч и му речев: ‚мечу, мини преку земјата!‘, и тој почнеше да истребува по неа луѓе и добиток,
18 тоа само тие тројца мажи среде неа — жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а би се спасиле само тие.
19 Или, да бев пратил врз таа земја помор и да бев ја излеал врз неа јароста Своја во крвопролевање, за да истребувам во неа луѓе и добиток,
20 тоа Ное, Даниел и Јов среде неа — жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души.“
21 Зашто така вели Господ Бог: „Ако и четирите мои тешки казни — мечот и гладот, лутите ѕверови и поморот — би ги пратил врз Ерусалим за да истребуваат во него луѓе и добиток,
22 и тогаш ќе остане во него само остатокот на синовите и ќерките, што нема да бидат изведени оттаму; ете, тие ќе дојдат кај вас и вие ќе го видите поведението нивно и делата нивни, па ќе се утешите за сето зло, што го пратив врз Ерусалим, за сѐ што пратив врз него.
23 Тие ќе ве утешат, кога ќе го видите нивното поведение и делата нивни; и ќе познаете дека не залудо Јас го извршив сето тоа, што го извршив во него“, вели Господ Бог.