Ezekiel 13
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, изречи пророштво против пророците на Израел, кои пророкуваат, и кажи им на оние, што пророкуваат од свое срце: чујте го словото Господово.
3 Вака вели Господ Бог: тешко им на безумните пророци, што се водат од својот дух, а ништо не виделе.
4 Твоите пророци, Израеле, се како лисици во урнатини.
5 Вие не влеговте во ровови и не го оградивте домот израелски за да биде цврст при битката во денот Господов.
6 Тие гледаат суета и претскажуваат лага, велејќи: ‚Господ вели‘, а Господ не ги испратил; и даваат надеж дека словото ќе се исполни.
7 Зар не видовте суетно видение и не кажувате ли лажно предвестие, велејќи: ‚Господ вели‘, а Јас, пак, не сум рекол?
8 Затоа вака вели Господ Бог: бидејќи кажувате суета и гледате во виденијата лага, Јас сум против вас, — вели Господ Бог.
9 И ќе биде раката Моја против тие пророци, кои гледаат суета и претскажуваат лага; во советот на Мојот народ тие нема да бидат, во списокот на домот израелски нема да бидат запишани и во земјата израелска нема да влезат. Па ќе познаете дека Јас сум Господ Бог.
10 Затоа што го воведуваат Мојот народ во заблуда, велејќи: — мир, а мир нема; и кога некој гради ѕид, тие само сакаат со кал да го премачкаат!
11 Кажи им на тие што ѕидот го мачкаат со кал дека тој ќе падне, ќе заврне силен дожд и град како камен, и силен ветар ќе те распарчи.
12 И, ете, ѕидот ќе падне; нема ли тогаш да ви кажат: ‚Каде е мачканицата, со која го мачкавте ѕидот?‘
13 Затоа вака вели Господ Бог: Ќе пуштам разорен ветар во гневот Свој и ќе падне пороен дожд во јароста Моја, и град како камења во јадот Мој ќе биде за истребување.
14 Ќе го урнам ѕидот, што го мачкавте со кал, и ќе го кутнам на земја; ќе се открие темелот негов, па ќе падне, а вие заедно со него ќе загинете, и ќе познаете дека Јас сум Господ.
15 И ќе ја излеам јароста Своја врз ѕидот и врз оние што го мачкаа со кал, и ќе ви речам: — го нема ѕидот и ги нема оние, што го мачкаа —
16 пророците израелски, кои му пророкуваа на Ерусалим и го известуваа за мирни виденија, кога мир немаше, — вели Господ Бог.“
17 А ти, сине човечки, сврти го лицето свое кон ќерките на овој народ, кои пророкуваат од своето срце, и кажи пророштво против нив,
18 па речи — вака вели Господ Бог: „Тешко им на оние што си пришиваат магиски амајлии под мишките и прават превези на главата во секоја големина, само да ловат души. Зар ловејќи ги душите на Мојот народ, вие ќе си ги спасувате вашите души?
19 И Ме обесчестувате пред Мојот народ за рака јачмен и за парчиња леб, умртвувајќи ги душите што не треба да умрат, а оставајќи ги да живеат оние души што не треба да живеат, лажејќи го народот што слуша лага.“
20 Затоа вака вели Господ Бог: „Еве, Јас сум против вашите магиски амајлии, со кои ги ловите душите како птички, ќе ги искинам од под мишките ваши и ќе ги пуштам на слобода душите, што ги ловите како птички.
21 Ќе ги парчосам вашите покривала и ќе го избавам Својот народ од рацете ваши; тие нема да бидат веќе плен во рацете ваши, па ќе познаете дека Јас сум Господ.
22 Поради тоа што со лага го жалостите срцето на праведникот, кого Јас не сакам да го жалостам, и ги поддржувате рацете на грешникот, за да не се одврати од својот порочен пат, па не го зачува својот живот,
23 затоа нема да имате веќе суетни виденија и во иднина нема веќе да баете, Јас ќе го избавам мојот народ од рацете ваши, и ќе познаете дека Јас сум Господ.“