Ezekiel 10
1 И видов, ете на сводот, што е над главите на херувимите, нешто како камен сафир, како нешто што прилега на престол, се гледаше над нив.
2 И му зборуваше Тој на човекот, облечен во ленена облека, па рече: „Влези меѓу тркалата под херувимите, земи полна рака разгорени јаглени од местото меѓу херувимите и расфрли ги врз градот.“ И човекот влезе пред очите мои.
3 Херувимите, пак, стоеја од десната страна на домот, кога влезе оној човек, и облак го исполни внатрешниот двор.
4 И славата Господова се подигна од херувимот на прагот од домот и домот се исполни со облак и дворот се исполни со светлина од славата Господова.
5 И шумот од крилјата на херувимите се слушаше дури до надворешниот двор, како да е тоа глас од Бога Сесилниот, кога Тој зборува.
6 И кога Тој му даде заповед на човекот, облечен во ленена облека, му рече: „Земи оган од местото меѓу тркалата, меѓу херувимите“, и кога тој влезе и застана меѓу тркалата —
7 тогаш среде херувимите застана еден херувим, ја протегна раката своја кон огнот, што беше меѓу херувимите, и зеде, па му даде една рака на облечениот во бела ленена облека. Тој зеде и излезе.
8 А под крилјата на херувимите се гледаа подобија слични на човечки раце.
9 И видов: ете четири тркала до херувимите, по едно тркало до секој херувим, а тркалата имаа изглед како да се од каменот топаз.
10 И сите четири по својот вид беа еднакви, како едно тркало да се наоѓаше во друго тркало.
11 Кога одеа, одеа на сите четири страни; кога одеа не се свртуваа, но одеа кон она место, каде што им беше свртена главата; кога одеа не се свртуваа.
12 И телото нивно и грбот нивни и рацете нивни, и крилјата нивни, и тркалата нивни наоколу беа исполнети со очи — сите имаа по четири тркала.
13 Тркалата се викаа, како што чув, галгал.
14 И секое животно имаше по четири лица: првото лице — лице херувимско, второто лице — лице човечко, третото лице — лице лавовско и четвртото — лице орловско.
15 Херувимите се подигнаа. Тогаш видов дека тие беа истите животни што ги видов при реката Кевар.
16 Кога одеа херувимите, се вртеа до нив и тркалата; кога се подигаа крилјата нивни, за да се подигнат од земјата, тркалата не се одделуваа, туку беа со нив.
17 А кога стоеја, стоеја и тие; кога ќе се подигнеа, се подигаа и тие, зашто во нив беше духот на животните.
18 И славата Господова се подигна од прагот на домот, па застана над херувимите.
19 И херувимите ги подигнаа крилјата свои и се подигнаа пред очите мои од земјата. Кога тргнаа, и тркалата беа до нив; па застанаа при влезот на источната врата од домот Господов, и славата на Бог Израелов беше над нив одозгора.
20 Тоа беа истите животни, што ги видов во подножјето на Израеловиот Бог кај реката Кевар. И јас разбрав дека тоа се херувими.
21 Секој имаше по четири лица, и секој — по четири крилја, а под нозете слично на човечки раце.
22 Лицата им личеа како на оние лица, што ги видов при реката Кевар — од ист вид, тие истите. Секој одеше право во онаа насока, што беше пред лицето негово.