Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 9

:
Macedonian - 2006
1 Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Појди кај фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: пуш­ти го народот Мој, за да ми изврши служба.‘
2 Зашто, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш,
3 еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз магарињата, врз камилите, врз говедата и врз ситниот добиток и многу голем помор ќе настане.
4 И ќе го раздели Господ израелскиот од египетскиот добиток; и од сиот добиток на синовите израелски нема ништо да загине.“
5 И определи Господ време, велејќи: „Утре ќе го направи тоа Господ во оваа земја.“
6 И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски пцовиса; а од добитокот на синовите израелски ништо не загина.
7 И виде фараонот дека од добитокот израелски не беше загинато ниту едно грло. Но фараоновото срце одново се ожесточи, и тој пак не го пушти народот.
8 Тогаш Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред фараонот спрема небото;
9 и ќе се дигне прав по целата египетска земја; а од неа ќе се појават струпје и на луѓето, и на добитокот по целата египетска земја.“
10 И зедоа пепел од печката, и застанаа пред фараонот; па ја фрли Мојсеј спрема небото, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот.
11 И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеј поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египќани.
12 И го ожесточи Господ срцето на фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеј.
13 Потоа му рече Господ на Мојсеј: „Стани утре рано и излези пред фараонот и речи му: ‚Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да Ми изврши служба,
14 бидејќи овој пат ќе ги пуштам сите мои зла, против тебе, против твоите слуги и против твојот народ, за да по­знаеш дека нема друг каков што сум Јас на целата земја.
15 Зашто сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те казнам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата.
16 А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја.
17 Уште ли ќе се креваш против Мојот народ, и уште ли нема да го пушташ?
18 Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега.
19 Затоа, сега нареди да се прибере добитокот твој, и сѐ што имаш по полето; бидејќи врз сите луѓе и врз сиот добиток што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град и ќе изгинат.‘“
20 Оние фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо ги прибраа слугите свои и добитокот свој по куќите.
21 А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој ги остави слугите свои и добитокот свој во полето.
22 И му рече Господ на Мојсеј: „Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата египетска земја врз луѓето, врз добитокот и врз тревата земна.“
23 И Мојсеј го крена стапот кон небото и Господ пушти громови и град, и молњите ги состави со земјата. И прати Господ град врз египетската земја.
24 Паѓаше град, а и молњи имаше меѓу градот многу силни, какви што немало во египетската земја, откако биле населени луѓе во неа.
25 А градот уништи во целата земја египетска сѐ што беше надвор од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги испокрши.
26 Само во земјата Гесем, каде што беа синовите на Израел, немаше град.
27 Тогаш прати фараонот, и ги пови­каа Мојсеј и Арон, и им рече: „Сега згрешив; Господ е праведен, а јас и мојот народ сме виновни.
28 Помолете Му се на Господ; нека престанат громовите Божји и градот, па ќе ве пуштам, и повеќе никој нема да ве задржува.“
29 А Мојсеј му рече: „Штом ќе изле­зам од градот, ќе ги кренам рацете мои кон Господ, и громовите ќе престанат и град повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова.
30 Но јас знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господ Бог.“
31 И така пропаднаа ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласил, а ленот фаќаше семе.
32 А пченицата и р'жта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита.
33 И Мојсеј излезе откај фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господ; и престанаа громовите и градот, и не паѓаше веќе дожд на земјата.
34 Но фараонот, откако виде дека пре­станаа дождот, градот и громовите, про­­должи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови.
35 И се ожесточи срцето фараоново, и тој пак не ги пушти синовите на Из­раел, како што беше рекол Господ преку Мојсеј.