Exodus 10
1 Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие мои знаци врз нив;
2 па да му раскажувам на синот твој и на внукот твој што сторив во Египет, како и за знаците Мои, што ги покажав во него, за да знаете дека Јас сум Господ.“
3 И отидоа Мојсеј и Арон кај фараонот и му рекоа: „Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога ќе одбиваш да Ми се покориш? Пушти го народот Мој да Ми изврши служба!
4 Зашто, ако не го пуштиш народот Мој, еве, утре Јас ќе пратам скакулци во земјата твоја.
5 И тие ќе ја покријат површината на земјата, така што не ќе се гледа копно; и ќе го изедат остатокот, што не го уништи градот; ќе ги изедат и сите дрвја, што ви растат по полето.
6 И ќе ги наполнат куќите твои, куќите на слугите твои и куќите на сите Египќани — такво нешто не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес.‘“ И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од фараонот.
7 Тогаш слугите му рекоа на фараонот: „До кога овој ќе нѐ измачува? Пушти ги луѓето и нека Му извршат служба на Господ, нивниот Бог. Не гледаш ли дека Египет пропаѓа?“
8 И ги вратија Мојсеј и Арон пред фараонот, и им рече фараонот: „Одете, послужете Му на Господ, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?“
9 Мојсеј одговори: „Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господ.“
10 И им рече фараонот: „Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто со децата ваши? Ете, лоша замисла имате!
11 Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господ, зашто тоа самите го баравте.“ И ги истераа откај фараонот.
12 Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Протегни ја раката своја над земјата египетска и ќе излезат скакулци по земјата египетска, и ќе ја изедат сета трева по земјата, и сѐ што останало неудрено од градот.“
13 И го крена Мојсеј стапот свој над египетската земја и наведе Господ источен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, источниот ветар довеа скакулци.
14 И ги навеа нив над целата египетска земја, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш.
15 И ја покрија површината на земјата, така што земјата не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата, неудрен од градот, а не остана ништо зелено ниту по дрвјата, ниту по тревата полска во целата египетска земја.
16 Тогаш фараонот брзо ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Згрешив пред Господ, вашиот Бог, и пред вас.
17 Но уште овојпат простете ми го гревот мој, и помолете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.“
18 И излезе Мојсеј откај фараонот и Му се помоли на Господ.
19 И сврте Господ многу силен ветар од запад и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвеното Море; и не остана ниту еден скакулец во целата египетска земја.
20 Но Господ го ожесточи срцето на фараонот и тој не ги пушти синовите на Израел.
21 И Господ му рече на Мојсеј: „Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе настане темнина по египетската земја, толку густа што не ќе може да се допира.“
22 И Мојсеј ја подигна раката своја кон небото, и настана густа темнина по целата египетска земја, која потраја цели три дена.
23 Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се поместуваше од местото свое три дена. Но по местата, каде што живееја синовите израелски, имаше виделина.
24 Тогаш фараонот го повика Мојсеј, и му рече: „Одете, извршете Му служба на Господ; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а децата ваши нека одат со вас.“
25 Но Мојсеј рече: „Не, зашто ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепаленици, што ќе ги принесеме на Господ, нашиот Бог.
26 Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло; зашто од него ќе земеме жртва за Господ, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господ.“
27 И Господ пак го отврдна срцето на фараонот и тој не сакаше да ги пушти.
28 И фараонот му рече: „Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.“
29 А Мојсеј рече: „Како што рече, така и ќе биде; нема повеќе да ти го видам лицето.“