Exodus 11
1 Пак му рече Господ на Мојсеј: „Уште едно зло ќе пратам над фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера оттука.
2 А сега кажи му на народот: секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја сребрени и златни предмети.“
3 И даде Господ народот да најде благонаклоност кај Египќаните; а и самиот Мојсеј беше многу голем човек во египетската земја, во очите на слугите фараонови и пред народот.
4 И рече Мојсеј: „Вака вели Господ: ‚На полноќ ќе поминам низ Египет,
5 и ќе умре секој првороден во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој треба да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток.
6 И ќе настане голем пискот по целата египетска земја, каков што досега немало, ниту некогаш ќе го има.
7 А кај синовите на Израел нигде нема ни куче да залае со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види каква разлика прави Господ меѓу Израелците и Египќаните.‘
8 Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај мене, и ќе ми се поклонат, велејќи: ‚Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.‘ И тогаш ќе излезам.“ И си излезе Мојсеј разгневен.
9 А Господ му рече на Мојсеј: „Нема да ве послуша фараонот, за да се умножат чудата Мои во земјата египетска.“
10 Мојсеј и Арон ги направија сите овие чуда пред фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на фараонот, и тој не ги пушти синовите израелски од својата земја.