Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 12

:
Macedonian - 2006
1 И Господ им рече на Мојсеј и на Арон во земјата египетска, ве­лејќи:
2 „Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината.
3 Кажете му на целиот собор на синовите израелски: ‚На десеттиот ден од овој месец, секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на семејство.
4 Ако се помалку во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колку што треба, за да можат да го изедат јагнето.
5 А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите.
6 И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот со­бор израелски нека го заколе, во приквечерина.
7 И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и горните прагови на куќата, во која ќе го јадат.
8 И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со гор­чливи тревки, нека го јадат.
9 Немојте да јадете од него сурово, ниту во вода варено, туку само на оган печено: со главата, со нозете и со внатрешнината.
10 И ништо од него немојте да оставате до утрината; ако, пак, нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.
11 А вака јадете го: опашани околу половината, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова.
12 Зашто ќе поминам низ земјата еги­петска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата египетска, од човек до добиток, и ќе им се одмаздам на сите египетски богови, зашто Јас сум Господ.
13 А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја казнам египетската земја.
14 И тој ден ќе ви биде ден на сеќа­вање и празнувајте го тој празник, пос­ветен на Господ; празнувајте го од колено на колено; како трајна уредба.
15 Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас од првиот до седмиот ден, тој ќе биде истребен од народот израелски.
16 Во првиот ден да се соберете на свет собор; а и во седмиот ден напра­вете го истото; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите.
17 И славете го празникот Бесквас­ници, зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како трајна уредба.
18 Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па сѐ до дваесет и првиот ден од истиот месец, до вечерта.
19 Седум денови не смее да има квас во вашите куќи. Бидејќи, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од собранието на Израел, било да е странец или домородец.
20 Ништо со квас немојте да јадете: насекаде каде што престојувате, јадете само бесквасен леб!‘“
21 И ги свика Мојсеј сите старешини израелски и им рече: „Одете и приго­твете јагне, за семејствата свои, и заколете Пасха.
22 Потоа земете китка исоп и нато­пете ја во крвта, што е во садот, и по­прскајте ги горните прагови и обата довратника со крвта од садот и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина.
23 И кога ќе помине Господ да го казнува Египет, штом ќе ја види крвта на горниот праг и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива.
24 Пазете го ова како закон за себе и за синовите свои довека.
25 И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, извршувајте ја оваа служба.
26 И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‚Каква ви е таа служба?‘
27 Одговорете: ‚Тоа е Пасхална жртва на Господ, Кој ги одмина куќите на синовите израелски во Египет, убивајќи ги Египќаните, а домовите наши ги зачува.‘“ Тогаш народот, се наведна и се поклони.
28 И отидоа синовите израелски и на­правија така: како што им заповеда Господ преку Мојсеј и Арон, така направија.
29 А на полноќ ги уби Господ сите првородени во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој тре­баше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и сѐ што беше првородено кај добитокот.
30 И стана фараонот во таа ноќ, тој и сите негови слуги, и сите Египќани; и настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец.
31 Тогаш ги повика фараонот Мојсеј и Арон, ноќта, и им рече: „Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите израелски, и извршете Му служба на Господ, како што велевте.
32 Земете го вашиот ситен и крупен добиток, како што велевте, и одете си, па и мене благословете ме!“
33 И Египќаните навалуваа на народот, што побрзо да си оди од земјата, зашто велеа: „Сите ќе изгинеме!“
34 И народот си го зеде тестото свое, уште неискиснато; ноќвите ги завиткаа во облеките свои, и ги ставија на рамењата свои.
35 И постапија синовите израелски според заповедта Мојсеева, и побараа од Египќаните сребрени и златни предмети, а и облека.
36 И Господ направи, та народот најде благонаклоност кај Египќаните, и тие им дадоа; така ги обраа Египќаните.
37 И тргнаа синовите на Израел од Рамзес за Сукот, околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата.
38 И многу други придојдени отидоа со нив, како и ситен и крупен добиток; мошне големо стадо.
39 А од тестото, што го изнесоа од Египет, испекоа бесквасни лепчиња, зашто тоа уште не беше скиснато кога ги истераа Египќаните, и не можеа да се задржуваат, така што дури ни храна за попат не си приготвија.
40 Времето, пак, што го поминаа синовите израелски во Египет изнесуваше четиристотини и триесет години.
41 А кога се навршија четиристотини и триесетте години, ноќе, во истиот ден, излезе сета Господова војска од земјата египетска.
42 Таа ноќ, која Господ ја пробдеа, за да ги изведе од египетската земја, тоа е ноќ Бдение во чест на Господ, кое треба да го празнуваат синовите израелски од колено на колено.
43 И Господ им рече на Мојсеј и на Арон: „Закон за Пасхата е: ниеден ту­ѓинец да не јаде од неа!
44 А секој ваш роб, купен за пари, откако ќе го обрезете, тогаш може да јаде од неа.
45 Придојден или наемник да не јаде од неа!
46 Во една куќа треба да ја јадете; и не изнесувајте месо надвор од куќата, и коските од жртвата да не ги кршите.
47 Целото израелско општество нека прави така.
48 Ако се насели кај вас некој туѓинец и посака да ја празнува Пасхата Госпо­дова, нека му се обрезат сите од машки пол, па потоа нека почне да ја празнува, и ќе биде како роден во таа земја; инаку, никој необрезан да не јаде од неа.
49 Еден закон нека има за родениот во таа земја и за придојдениот што дошол меѓу вас!“
50 И направија синовите на Израел та­ка како што им заповеда Господ на Мојсеј и на Арон.
51 И во тој ден ги изведе Господ синовите израелски од земјата египет­ска, поделени на дружини.