1А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе видиш што ќе му направам сега на фараонот; под дејство на силна рака ќе ги пушти; под дејство на цврста рака дури ќе ги истера од земјата своја.“
2И уште му зборуваше Бог на Мојсеј, па му рече: „Јас сум Господ.
3Јас им се јавував на Авраам и Исак и Јаков како Ел-Шадај, а со името Мое ‚Јахве‘ не сум им се открил.
4И направив завет Свој со нив дека ќе им ја дадам земјата хананска: земја, во која беа тие доселеници, и во која живееја како туѓинци.
5Ги чув воздишките на израелските синови, кои Египќаните ги измачуваат, и се сетив на заветот Мој.
6Затоа, појди и кажи им на синовите на Израел, велејќи: ‚Јас сум Господ, ќе ве изведам од египетското ропство, ќе ве избавам од насилството нивно, ќе ве спасам со силна рака и со строга казна.
7Ќе ве земам за свој народ и ќе ви бидам Бог, па ќе познаете дека Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ќе ве изведе од египетското ропство.
8И ќе ве воведам во онаа земја, за која кренав рака и се заколнав дека ќе му ја дадам на Авраам, на Исак и на Јаков; и ќе ви ја дадам вам во наследство. Јас сум Господ!‘“
9Мојсеј им го кажа тоа на синовите на Израел, но тие не го послушаа Мојсеј од малодушност, поради тешкото ропство.
10Тогаш Господ пак му рече на Мојсеј, велејќи:
11„Влези, кажи му на фараонот, царот египетски, да ги пушти израелските синови од земјата своја.“
12А Мојсеј проговори пред Господ и рече: „Ете, синовите на Израел не ме послушаа, а како ќе ме послуша фараонот? А освен тоа, јас сум спор во зборувањето.“
13Но Господ им зборуваше на Мојсеј и на Арон, и им ги кажуваше Своите заповеди кон синовите на Израел и кон фараонот, царот египетски, за да ги пушти синовите израелски од земјата египетска.
14Ова се старешините на нивните поколенија: синовите на Рувим, првородениот син Израелов: Ханох и Палу, Есром и Карми; тоа се семејствата Рувимови.
15А синовите Симеонови се: Јемуел, Јамин, Оад, Јахин, Сигор и Саул, син на една Хананка.
16А еве ги имињата на синовите Левиеви, според родовите нивни: Гирсон, Каат и Мерариј. А Левиј поживеа сто триесет и седум години.
17Синови, пак, Гирсонови беа: Ливниј и Семеј со семејствата нивни.
18Синови Каатови: Амрам и Јицхар, Хеврон и Узиил. А годините на Каатовиот живот беа сто триесет и три.
19А синовите Мерариеви се: Махлиј и Мушиј. Тоа се семејствата на Левиј според родовите нивни.
20Амрам се ожени со Јохеведа, тетката своја, и таа му ги роди Арон и Мојсеј. Амрам поживеа сто триесет и седум години.
21Синови, пак, Јицхарови беа: Кореј, Нефег и Зихриј.
22Синовите Узиилови се: Мисаил, Елцафан и Ситриј.
23А Арон ја зеде за жена Елишева, ќерката Аминадавова, сестра Наасонова; и таа му ги роди Надав и Авиу, Елеазар и Итамар.
24Синови Кореови беа: Асир, Елкана и Авијасаф. Тоа е потомството Кореово.
25И Елеазар, синот Аронов, се ожени со една од ќерките Путиелови, и таа му го роди Финес. Тоа се старешините на Левиевото племе, според нивните семејства.
26А Арон и Мојсеј, тоа се оние, на кои Господ им рече да ги изведат синовите израелски од земјата египетска, подредени во дружини.
27Овие се оние, кои му зборуваа на фараонот, царот египетски, за да ги пушти синовите на Израел од земјата египетска; тоа се Мојсеј и Арон.
28Во оној ден, кога Господ му говореше на Мојсеј во земјата египетска,
29му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Господ. Кажи му го на фараонот, царот египетски, сѐ она што Јас ти го велам!“
30А Мојсеј рече пред Господ: „Еве, недоброречив сум, па како ќе ме послуша фараонот?“